Весникот „Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе го објави политичкиот фељтон, под заеднички наслов „Идентитет, меморија, заборав“, од професорот Илија Ацевски. Во текстовите професорот Ацевски на научен, но и популарен начин ги разгледува идентитетските прашања на Македонците во склопот на договорите за пријателство и соработка со Бугарија и со Грција, се осврнува на историски настани, случувања и личности од македонската историја и нуди мислења од историски и социолошки аспект. Сепак, во центарот на фељтонот е прашањето каква нација се Македонците
Идентитет, меморија, заборав (2)
Пишува проф. Илија Ацески
Од каде потекнуваме е важно за да кажеме кои сме. По деведесеттите години на минатиот век, по пропаста на социјализмот и осамостојувањето на Република Македонија и распадот на федерацијата чиј дел беше и Македонија, започна поинтензивен процес на убедување на Македонците дека „постои длабока традиција во која Александар е претставен како Македонец, а Македонците како негови потомци“
Уште долго време митот дека заедничкиот предок на Македонците датира уште од периодот на Александар Македонски/Велики ќе остане и во нешто ќе ја препознава етничката идентификација? Дали постои историски реален доказ за тоа, освен дека на овој простор се простирало царството на Александар, кои се реалните кодови или, едноставно, има ли некој „објективен историски факт“ (без разлика во што е препознатлив) или останал во меморијата, која сигурно се формирала низ еден долг период. Ние можеме да се убедуваме од каде потекнува коренот, „од каде потекнуваме“, да го менуваме, да речеме дека е од словенско потекло и дека немаме ништо заедничко со античкиот период, но тоа не мора (дали може?) да се наметне за сите, што може да доведе и доведува до поделба и митот, во тој случај, се мисли на етничкото потекло, го дели етничкото битие.
Од каде потекнуваме е важно за да кажеме кои сме. По деведесеттите години на минатиот век, по пропаста на социјализмот и осамостојувањето на Република Македонија и распадот на федерацијата чиј дел беше и Македонија, започна поинтензивен процес на убедување на Македонците дека „постои длабока традиција во која Александар е претставен како Македонец, а Македонците како негови потомци“, а таквата традиција, како што смета Вражиновски, не само во народното творештво, има длабоки корени, кои се влечат од дамнешното минато, па преку османлискиот период, преродбата, а тоа продолжува до денес.
Што ќе ни покаже балканскиот пример, поконкретно, периодот од втората половина на деветнаесеттиот и првите децении на дваесеттиот век во еден краток курс по историја за периодот на ,,преродбата“; еден ,,историогеографски пинг-понг“, како што ќе рече историчарот Маринов. Тоа за момент ќе нè приближи до тврдењето дека зад „идентитетските прашања“ се засолнети многу други, кои чекаат погодни моменти да бидат употребени од оние што се борат за власт или се на власт, или други интереси на големите сили што значат нешто на стратегиски план.
Полемиката меѓу историчарите, која се води долги децении, накратко е содржана во следното: кому му припаѓа средновековниот период? За античкиот период не постои некоја посебна заинтересираност од бугарска страна, но, за разлика од тоа, за идентитетот на Словените има многу спротивставени ставови, кои се чини дека комисијата ги реши/решава на прифатлив начин, или е тоа бугарски или заеднички (се мисли и на заеднички чествувања/славење). Историите на двете држави се со спротивставени ставови, или се тие со бугарска етничка или дури национална (?) ознака, или се со македонска.
Слично е со државата на Самоил или Самуил, Охридската архиепископија, па во турскиот период, на пример, Карпошовото востание, и таа „пинг-понг историографија“ продолжува до средината на втората половина на 19 век, кога започнува нова фаза во ,,динстањето“ на националната свест, кога речиси сите балкански држави веќе ги формираат или ги формирале своите држави, само делот на кој денес се протега Македонија и пошироко, останува сè уште под османлиско владеење и е цел на присвојување, на пропаганди од сите страни за да се приграби парче земја. Во ова пригода нема доволно простор да се занимаваме со деталите за тоа што претставува преродбата во македонскиот случај во втората половина на 19 век.
Само да нагласиме дека од страна на историчарите од двете страни, бугарската и македонската, има спротивставени ставови за редица преродбенички дејци, кои несомнено можеме да ги разбереме, во духот на модерното разбирање, што значи преродба кога се поврзува со етничкото или, уште поодредено, со посебноста на националната свест на оние што живееле на територијата што го носела името Македонија. Првата поента што е креирана од периодот на ,,преродбата“ е сосема јасна: „кои сме“ е одредено од „каде сме“, кога се пробудува „историскиот код“, кој долго бил скриен и неоткриен и во тој момент стапува на историска сцена.
Што се крие навистина зад името Македонија денес во колективната меморија на Македонците за нас Македонците нема сомнение, во однос на „другите“, се мисли на Бугарите, кои се посебност. Што е вистина во историските интерпретации, кои се фактите во историската наука на двете страни, има изобилство од сознанија што за моменти се во доменот на есенцијалистичкото разбирање, но и во сферата на конструктивистичките теоретски поставки; нациите, етносот не се природни творби, дадени еднаш засекогаш, тие имаат долг процес на создавање. Во тој процес преродбата е една од најважните фази кога се бараат корените и тие, по правило, се бараат длабоко во историјата. Ако ги нема, или некој со аргументите на силата ги негира, проблемите добиваат друга природа.
Мора да се воспостави континуитет на постоењето, мора да се дојде или да се тргне од некоја појдовна точка, што еден дел од преродбениците ја побарале уште од античките времиња, како најсигурно поаѓалиште. Тоа е резултатот на политичката археологија, симболика, потрага по местото каде што се случувале настаните за да се формира приказната, митот за сопственото постоење. Континуитетот, просторот, симболите се елементи што го подигаат „колективното достоинство“, како што ќе рече Смит, на високо ниво. Ако се занемари нивното убедување и верба, и се смета дека тие биле во заблуда, се сече коренот на нацијата, тогаш таа останува без „автентично минато“ и се бараат нова реинтерпретација, нови корени, а тоа може да биде многу болно.
Да се помести ова „златно време“ педесет години понапред, тоа оди во прилог на други тези за раѓањето на нацијата и не знам дали некој со тоа би се согласил, нека станува збор и за историчар. Минатото, употребливото минато, мора да се поврзе со сегашноста, инаку тоа нема никаква вредност за нацијата: херојското минато ја храни имагинацијата и колку што е тоа поматно, полесно станува природен дел од колективната меморија. Тоа за Баховен (1984) е краткиот пат до секое сознавање: подолгиот, бавен и макотрпен е резултат на рационална комбинација, а краткиот е оној по кој се оди со силата и брзината на електрицитетот, тоа е патот на имагинацијата, фантазијата, поттикнат од привидот и допирот со она што доаѓа длабоко од историјата, без какво било посредување и кое помага веднаш да се сфати ,,вистината“.
(продолжува)