Јужнокорејците смислуваат иновативни начини за да се ослободат од задолжителното служење војска, со што дванаесетмина пејачи се сетија да ја избегнат регрутацијата со помош на пица и хамбургери, пишува „Гардијан“.
Пејачите се прејадувале со брза храна петпати дневно со цел да ја зголемат тежината за да не ги поминат физичките прегледи при регрутацијата. Тие разменувале совети преку социјалните мрежи за да откријат оти побргу ќе се здебелат со помош на висококалорични протеински напивки и сок од алое вера, како и со други додатоци во исхраната, според истрагата на војската.
Сите мажи од Јужна Кореја се должни да отслужат 22 месеци во војската пред 28-годишна возраст, но оние што нема да ги поминат физичките прегледи се ослободени од службата, или пак се префрлени во цивилна служба.
Пејачите се надеваа дека ќе бидат ослободени од воениот рок, за да немаат прекин во кариерата, но војската ги откри нивните намери и спроведе истрага, со што случајот стигна и до корејското обвинителство. Доколку пејачите бидат прогласени за виновни, тие ќе бидат приморани да ја отслужат воената обврска, и покрај тоа што ја завршија цивилната служба.
Војската на Јужна Кореја планира да ја намали бројноста од 618 илјади на 500 илјади и да ја скрати службата на 18 месеци, а се разгледува предлогот и за правење отстапки за лицата со исклучителен талент, како што се пејачите и спортистите.