Жена од Шпанија се стекна со неочекувана слава на социјалните мрежи, поради нејзината сличност со Доналд Трамп, а некои од нејзините бројни обожаватели побараа таа да го замени американскиот претседател, пренесува „Чикаго трибјун“.
Двојничката на лидерот на САД беше „откриена“ од страна на новинар што известуваше за земјоделството во северозападна Шпанија, кој објави нејзина фотографија на социјалната мрежа „Инстаграм“, каде што го привлече вниманието на илјадници корисници.
Оттогаш 64-годишната Долорес Леис се соочи со прашања за американската надворешна политика и меѓународните прашања, и покрај тоа што покажа поголема загриженост за наездата на молци што и се заканува на нејзините посеви на компир.
– Споредбата веројатно е поради косата – кратко им порача на шпанските медиуми Леис, која додаде дека не користи паметен телефон, ниту е активна на Твитер, за разлика од Трамп.
Таа стекна многу обожаватели на социјалните мрежи, при што еден од нив праша „дали може да го замениме Трамп со оваа вредна дама?“, на што се надоврзаа и други корисници кои ја поддржаа идејата.
Други, кои Леис ја нарекоа „сестрата на Трамп од Галиција“, побараа да се истражи семејното потекло на претседателот, за да се испита дали постои роднинска поврзаност помеѓу нив.
Се чини дека популарноста, сепак, немаше значително влијание врз Шпанката.
– Мојата ќерка ми покажува што се објавува на Интернет, но тоа не ме поттикна да набавам сопствен паметен телефон – порача Леис.