Воздушниот простор и регионот околу Црно Море се место на постојани воени, но и воздушни тензии меѓу Русија и НАТО. Сега, кога и двете страни спроведуваат воени активности и сценарија за евентуален нивен судир, според експертите, од една страна Русија го држи НАТО будно, а од друга Алијансата сака да ја покаже својата сила
И покрај фактот дека Студената војна веќе одамна е завршена, низа настани во изминатиов период започнуваат да наликуваат и да потсетуваат токму на времето од воените тензии меѓу Истокот и Западот во годините по Втората светска војна. Во прилог на ова оди фактот дека воени бродови и авиони на НАТО и на САД, од една страна, и на Русија, од друга, извршија голем број меѓусебни провокации во воздушните и водните простори во Европа. Последен таков случај во низата е командниот брод на американската Шеста флота „Маунт Витни“, кој деновиве се упати кон местото на изведувањето на воените вежби во регионот на Црно Море, каде што, според најавите, ќе изведува воени операции со НАТО-сојузниците и со партнерите во областа.
Како што пренесуваат западните агенции, оваа воена активност, која го вклучи „алармот“ во Москва, ќе има цел да осигури безбедност и стабилност во тој дел од светот.
Агенцијата „РИА Новости“ исто така информира дека и американскиот разурнувач „Портер“, вооружен со крстосувачки проектили, пред неколку дена впловил во Црно Море, но не е познато дали неговото праќање во регионот е поврзано со најавената вежба. Сето ова, како што пренесе новинската агенција, ја принуди руската страна да ја подигне способноста за одбрана на руската армија во Црно Море на повисоко ниво.
НАТО-бродовите низ нишанот на руската армија
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин ја нагласи потребата за засилување на државната воздушна одбрана во поглед на воените активности на НАТО во близината на руските граници. Обраќајќи се на состанокот со руското воено раководство и со произведувачите на оружје одржан во Сочи, Путин се осврна на поставувањето на ракетната одбрана на НАТО во Источна Европа и на зачестените мисии на Алијансата во близината на руските води.
– Знаете дека американски брод вплови во Црно Море. Можете да го видите преку двоглед или низ нишанот на одбранбените системи – коментираше Путин. Рускиот претседател додаде дека воено-политичката ситуација, вклучувајќи ги летовите на авионите на НАТО во близината на Русија и присуството на воените бродови на Алијансата во Балтикот и во Црно Море, ја подгрева воената реторика, но и тензиите за глобалната безбедност.
Руската црноморска флота на штрек
Од друга страна, според пишувањата на медиумите, најблиска средба меѓу двете сили се случила на почетокот од неделава кога главниот брод на Шестата флота на американската морнарица „Маунт Витни“ почнал да транзитира кон север, кон Црно Море, каде што ќе врши операции со сојузниците на НАТО и партнерите во регионот.
Руската армија реагирала енергично на оваа акција на бродот на американската воена морнарица со дефанзивни прелети во кои биле вклучени и авионите од типот „су-24М“, со што било извршено предупредувачко надлетување, јавува „Русија денес“.
Истовремено руската црноморска флота, пак, распореди околу 20 брода и повеќе од 20 воени авиони на воени вежби, кои вклучуваат и гаѓање со ракети во близината на Крим. Вежбата на руската армија вклучува руски воени бродови од Црноморската флота, хеликоптери и авиони.
Паралелно со овие најнови случувања, Москва на неколкупати досега ги предупреди САД и НАТО со своите бродови да не се приближуваат до полуостровот за нивно добро. Според Кремљ, константното праќање американски и НАТО-бродови во Црно Море е провокација со цел да се тестира трпението на Русија.
Експертите проценуваат дека сега, кога и двете страни спроведуваат воени активности и сценарија за евентуален нивен судир, од една страна Русија го држи НАТО-буден, а од друга Алијансата сака да ја покаже својата сила.
Константин Егерт, воено-безбедносен аналитичар, за „Дојче веле“ вели дека Авганистан, тензиите во Индопацифичкиот Регион, тероризмот, глобалните проблеми со миграцијата, а сега и нарушените односи меѓу НАТО и Русија се „итни прашања“ што големите сили веднаш треба да ги решат.
– Со затворањето на постојаната мисија на Русија во НАТО, Кремљ отвора простор за постепено зголемување на тензиите со руските соседи. Во прв ред со Украина, но и со Полска и со балтичките држави. Ваквите тензии се важна алатка за Путин. На овој начин тој може да го подели Западот и да предизвика несогласувања во рамките на НАТО. Затоа е неопходно да се нормализираат односите меѓу суперсилите што поскоро и паралелно Западот да отпочне нова стратегија што би ги намалила глобалните безбедносни предизвици – смета Егерт.