Стручната комисија на Министерството за здравство ги заврши осумте предмети од „кардиолошките случаи“, а во вторник ќе продолжи со работа по новите пет, соопшти денеска ресорниот министер Азир Алиу.
Како што истакна Алиу, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за кардиохиругија, со странските експерти кои треба да дојдат во земјава договор ќе се потпише по изборите.
– Нашата Комисија вчера имаше состанок, заврши со осумте случаи. Имаме уште пет други, ќе продолжи во вторник. Надворешните експерти ќе дојдат кога ќе бидеме подготвени, не се правно договорени зашто имаме законски пречки. По изборите ќе се потпише договорот со нив – истакна Алиу.
Директорот на Клиниката за кардиохирургија Дејан Димитровски рече дека не ги селектирал тој случаите.
– Не учествував во селекцијата. Инаку, се работи за пациенти кај кои е направена коронарографија, дијагностичка процедура пред изведување оперативен зафат и контрола, коронарографија по операцијата при што се гледаат одредени неправилности – напомена Димитровски.
Во врска со починатото девојче од тетовското село Челопек, првичните резултати од контролите покажале дека тетовската болница постапувала според протоколот. Се очекуваат уште анализите од обудкцијата и од уште една стручна комисија на Министерството за здравство за да се утврди што понатаму.
– Во Тетово имавме три комисии, внатрешна која беше веднаш формирана од директорот и вработените на тетовската болница. Утредента по мое барање беше испратена и од Институтот за јавно здравје. Имаме резултати од стручните лица – покажаа дека Протоколот е следен, немаме некој наод. Ќе чекаме денеска или утре да заврши уште една наша стручна комисија, на Министерсвото за здравство, ги чекаме и резултатите од обдукцијата за да ги собереме сите и да видиме што понатаму – информира министерот Алиу.