Фото:МИА

По повод 21-годишнината од основањето на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија, заменик-министерката за европски прашања, проф. д-р Викторија Трајков присуствуваше на свечената академија во Лесковац, во просториите на Културниот центар. На настанот беше истакната долгогодишната улога на Советот во заштитата, унапредувањето и афирмацијата на правата, културата и идентитетот на македонската заедница во Србија, се вели во сооштението од Министерството за европски прашања.

Во своето обраќање, заменик-министерката за европски прашања изрази благодарност за напорите што Советот ги вложува две децении наназад, нагласувајќи дека зачувувањето на јазикот, културата и традицијата е од суштинско значење за секоја заедница која живее надвор од матичната држава.

– Овој јубилеј не е само датум. Тоа е потсетник на напорната работа, на трпението, на храброста да се зачува јазикот, културата и традицијата во заедница која живее надвор од својата матична земја, но никогаш не ја заборава. Македонскиот дух отсекогаш знаел да опстои — и таму каде што е малуброен, и таму каде што историјата го ставила на испит. Токму затоа, денеска оддаваме чест на сите што го носат тоа наследство со гордост – рече Трајков.

 

Таа истакна дека институциите ќе продолжат да бидат партнер и поддршка на македонското национално малцинство во неговите активности и развој.

– Националниот совет е мост меѓу двете држави, но и меѓу генерациите. Благодарение на него, младите Македонци во Србија имаат можност да учат за своето културно богатство, да го негуваат својот јазик и да ја чувствуваат поврзаноста со корените, без разлика каде живеат. Таа врска е нашата најголема сила – истакна заменик-министерката за европски прашања.

Настанот заврши во дух на заемно почитување, со порака за понатамошна соработка, единство и унапредување на положбата на македонската заедница во Република Србија.