Измените на Законот за царинската тарифа и воведувањето на пониските царини како повод
Со законските измени на Законот за царинската тарифа, кои веќе се изгласани во Собранието, ќе се намалат царинските стапки за вкупно 67 стоки, најмногу суровини и репроматеријали што се користат во клучни сектори на домашната индустрија. Истовремено, со новите законски решенија се укинуваат царинските давачки за увоз на стоки со потекло од Соединетите Американски Држави
Преработувачката индустрија, металургијата, автомобилската индустрија и енергетскиот сектор се меѓу областите од економијата што би требало да имаат најголема корист од укинувањето и намалувањето на дел од царините.
Како што беше најавено од Владата и министерката за финансии, со законски измени на Законот за царинската тарифа, кои веќе се изгласани во Собранието, ќе се намалат царинските стапки за вкупно 67 стоки, најмногу суровини и репроматеријали што се користат во клучни сектори на домашната индустрија.
Истовремено, со новите законски решенија се укинуваат царинските давачки за увоз на стоки со потекло од Соединетите Американски Држави.
Од Министерството за финансии, кое е задолжено за собирање на даноците во државата, посочуваат дека измените се дел од реализацијата на Програмата за работа на Владата 2024–2028 и се насочени кон постепена хармонизација на царинските стапки со оние што важат во Европската Унија.
– Овие измени не се само административна процедура туку силна порака до деловната заедница. Целта ни е да обезбедиме пониски трошоци за индустријата, да поттикнеме нови инвестиции и да ја зајакнеме конкурентноста на македонската економија – велат оттаму.
Тие додаваат дека измените се направени во соработка со стопанските комори и претставуваат логично продолжение на веќе воспоставените политики за поддршка на стопанството. Намалувањето на царинските давачки е направено за 50 отсто од разликата меѓу постојните стапки и оние што ги применува Европската Унија, во согласност со правилата на Светската трговска организација (СТО).
Ова не е само економска мерка туку и порака дека нашето партнерство со САД добива нова, продлабочена димензија
Особено е значајна мерката за намалување на царинската стапка на литиум-јонските батерии за складирање електрична енергија, што се оценува како клучен чекор за поддршка на инвестициските проекти во обновливи извори на енергија и развој на енергетскиот сектор.
– Со оваа измена директно се придонесува за подобрување на стабилноста на електроенергетскиот систем, што е особено важно во услови на енергетска неизвесност во регионот – велат од Министерството.
Дополнително, целосната либерализација на увозот на стоки од САД се оценува како стратегиски потег што ќе ја зголеми конкурентноста на пазарот и ќе ја зајакне трговската соработка меѓу двете земји.
– Ова не е само економска мерка туку и порака дека нашето партнерство со САД добива нова, продлабочена димензија – додаваат од Министерството.
Со изгласувањето на овие измени, Собранието даде зелено светло за планот на Владата за намалување на царинските давачки за голем број суровини и репроматеријали што се клучни за домашната индустрија и енергетскиот сектор. Како што дополнуваат оттаму, списокот опфаќа 67 производи и е изработен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора и бизнис-заедницата.
Овие мерки, според нашите соговорници, ќе имаат повеќеслојно позитивно влијание – намалени трошоци за производство, подобрена конкурентност на домашните компании на странските пазари и поттикнување нови инвестиции и отворање нови работни места.
– Ова не се само економски бројки – ова се одлуки со директно влијание врз секојдневната економија, врз реалните процеси во фабриките, малите бизниси и извозно ориентираните компании. Укинувањето на царините за стоки со потекло од Соединетите Американски Држави не е само трговска туку и стратешка и дипломатска одлука – сигнал за нашата зголемена подготвеност за продлабочена економска соработка со стратешките партнери и поддршка за слободната и фер трговија – велат нашите соговорници.
Поголема конкурентност на македонските компании, но намалување на приливите во буџетот
Со оваа законска измена се смета дека ќе се придонесе за македонските компании за да бидат поконкурентни, цените на производството ќе се намалат, а извозот ќе се зголеми, што директно ќе се одрази врз растот на националната економија.
Но, од друга страна, уште при носење на одлуката од страна на Владата, министерката за финансии посочи дека ова ќе значи и големо намалување на приливите во буџетот.
Грубо земено, со воведувањето на сите планирани даночни ослободувања, приливите во буџетот ќе бидат намалени за речиси 5 милиони евра, или поточно за 4,7 милиони евра.
– За 67-те производи фискалниот ефект е два милиони евра на годишна основа за овие 50 проценти. Кога ќе стапат во сила и следните 50 проценти, кога ќе се усогласиме целосно со ЕУ, врз основа на податоците за увозот од 2024 година, годишните фискални импликации би биле 4 милиони евра – појасни Димитриеска Кочоска.
Потоа таа дополни дека на оваа сума треба да се земат предвид и фискалните импликации од ослободување од царински давачки и на увозот од САД.
– Тоа е некаде околу 3,7 милиони евра на годишна основа. Тука нема промени, значи толку би изгубиле, што значи дека ние годинава би изгубиле еден милион евра од намалување на царините за 67-те производи, со оглед дека ќе се применуваат од 1 јули (на годишно ниво е два милиони евра), плус овие 3,7 милиони евра, за годинава фискалните ефекти ќе бидат 4,7 милиони евра – прецизира Димитриеска Кочоска. Е.Р.