Управен одбор на ЈП Комунална хигиена-Скопје, во соопштение до медиумите, информира за крајно алармантните случувања што доведоа ова Јавно претпријатие со сериозно намален капацитет да ја извршува својата примарна дејност – собирањето и транспортот на комуналниот отпад во градот Скопје.
– Со цел да не го блокираме работењето на Претпријатието сме покажале максимална кооперативност и професионалност и во текот на нашиот мандат во изминатите четири години сме ги изгласале сите Планови за јавни набавки, Инвестициони програми и Оперативни програми и планови предложени од страна на директорите. Ова наше тврдење можеме да го докажеме пред секоја институција. Позитивните одлуки се усвојувани навремено од страна на Управниот одбор на ЈП Комунална хигиена-Скопје, со што уште еднаш ги побиваме небулозните тврдења дека на каков било начин сме го блокирале работењето на Претпријатието. Но, мора да нагласиме дека реализацијата на сите овие програми и планови е законска обврска на директорите на Претпријатието – велат од Управниот одбор.
Оттаму додаваат дека повеќе пати досега испраќале и дописи до Градоначалничката и до Секторот за поддршка на Советот на Градот Скопје, каде што ја изразувале својата огромна загриженост и алармирале дека е неопходно итно да се пристапи кон решавање на проблемот со неповолната финансиска состојба на Претпријатието и намалениот капацитет на собирањето и транспортот на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје, а преку допис барале и разрешување на в.д. директорот Сабахадин Рустеми.
– Од страна на градоначалничката Арсова освен навредливи обраќања кон Управниот одбор немаше ниту едно конкретно преземено дејствие со цел решавање на проблемите. На 08.10.2025 година Управниот и Надзорниот одбор на Претпријатието со допис број 02-5662/1 (во прилог) за состојбата го информираа и Државниот завод за ревизија и побараа да се изврши вонредна ревизија во ЈП „Комунална хигиена“-Скопје – велат оттаму.
Потенцираат дека Управниот одбор на својата 77-ма седница одржана на 13.10.2025 година, како и на многу претходни седници, го задолжила в.д. директорот на претпријатието да се изврши максимално сервисирање на специјалните комунални возила и крајно сериозно да се пристапи кон организација на оперативните служби, како и да се побара помош во механизација од останатите јавни градски претпријатија и сите надлежни институции што се во можност со соодветна механизација да му помогнат на Претпријатието, а со цел да се надмине критичната состојба со собирањето на отпадот во градот Скопје.
– За жал од негова страна немаме никаква реакција ниту постапување по нашите барања и задолженија, додека од страна на градоначалничката Арсовска добиваме само навредливи дописи и изјави полни со невистини. Се надеваме дека со овие информации барем малку ги разјаснивме нештата околу ингеренциите и активностите на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, како и крајно загрижувачката состојба во којашто е доведено ЈП „Комунална хигиена“-Скопје. Нашите активности се максимално транспарентни и документирани (во прилог), додека за дејствувањето на основачот на Претпријатието и назначуваните директори досега не успеавме да откриеме со која цел ги преземаа низата штетни чекори што придонесоа систематски да се уништи ова Јавно претпријатие – велат оттаму во дописот.
Потенцираат дека во ноември 2023 година, тогашниот директор на Претпријатието потпишува Анекс на постојниот Договор со ЈП „Водовод и канализација“, за кој не го информирал Управниот одбор на Претпријатието и со самото тоа ја нема ниту законски неопходната Одлука за усвојување на ваквиот документ од нивна страна.
– Согласно овој максимално економски штетен Анекс, средствата од наплатата на физичките корисници што секојдневно пристигаат на сметката на ЈП „Водовод и канализација“ (согласно Договорот потпишан во 2015 година), ЈП „Водовод и канализација“ веќе не е должно да ги префрла секојдневно на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, туку најдоцна до десетти следниот месец. За жал, ЈП „Водовод и канализација“ не се придржува ниту до овој рок и средствата ги исплаќа со уште поголемо задоцнување, така што оттогаш постојано има акумулирано заостанат долг кон ЈП „Комунална хигиена“-Скопје. На овој начин, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје е доведено во максимално неповолна позиција да не може да ги користи сопствените средства – се вели во дописот.
Од Управниот одбор нагласуваат дека, откако како членови на Управниот одбор дознале за потпишувањето на овој Анекс, веднаш реагирале и донеле Одлука со којашто бараат да се поведе постапка за поништување на Анексот, како и Одлука за мораториум на склучување секаков вид понатамошни договори/анекси со ЈП „Водовод и канализација“, без да биде известен Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, од причина што постоело обид за потпишување и на втор Анекс каде што се предлагало на сметката на ЈП „Водовод“ да се префрлуваат и средствата од правните субјекти, со што ЈП „Комунална хигиена“-Скопје ќе била доведена до финансиски колапс.
– Од наша страна на ден 24.07.2025 година беше донесена и Одлука за утужување на ЈП Водовод и канализација. Важно е да се напомене и дека до Управниот и до Надзорниот одбор не се навремено доставени ниту тримесечните извештаи за финансиското работење за периодот јануари-март 2025 и април-јуни 2025 година, а не е реализирана ниту законски задолжителната независна ревизија за 2024 година, за што од наша страна беше информиран Државниот завод за ревизија и побарано да се изврши вонредна ревизија на работењето на Претпријатието. До крајот на својот мандат, Управниот одбор во рамките на своите надлежности ќе го пружи својот максимум за задржување на динамиката неопходна за одржување на хигиената во нашиот град, согласно расположливите средства. Ве молиме да имате во вид дека и нашата моќ е ограничена затоа што немаме кооперативен соработник од страна на основачот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје – се вели во дописот, потпишан од членовите на Управниот одбор на претпријатието.







































