Фото: Пиксабеј

Иднината повеќе не се дизајнира во Силициумската Долина. Во моментов најголемата технолошка револуција во светот се случува во Кина. Оваа земја има намера да стане технолошка велесила до 2025 година, а тоа не е само сон. Кина веќе доминира во глобалниот извоз, но нејзината технолошка игра е онаа што паѓа во очи.
– Земјата што некогаш заостануваше зад Западот во многу аспекти на технологијата, економијата и социјалниот развој, денес се смета за технолошки гигант, земја на иновации и исклучителен економски раст – пишува „Гардијан“.
Од индустријализација до истражување на вселената, Кина премина од стагнација во доминација, а во некои сектори сега води во Америка и во Европа. Некогаш се мислеше дека Кина засекогаш ќе заостанува зад Западот. Сепак, оваа голема земја денес е сила што не само што го одржува чекорот туку зазема лидерска позиција во многу области. Од напредни железници до квантни компјутери, Кина ја обликува иднината на светот побрзо отколку што некој можеше да замисли.
До крајот на 20 век западните земји го развиле производството, додека кинеската индустрија се засновала на застарени советски модели од 1950-тите. Нивните производи биле познати по нивниот низок квалитет, а економијата зависела од земјоделството. Денес Кина не само што е „светска фабрика“ туку и доминира во многу индустрии, вклучувајќи електроника, производство на машини и вештачка интелигенција. Една шега вели дека трите најчитани збора во светот се: „произведено во Кина“ (мејд ин Чајна).
Во минатото кинеските компании најмногу ги копираа западните технологии и произведуваа евтини копии на познати брендови, додека Силициумската Долина беше неприкосновен лидер во развојот на информатичките технологии. Меѓутоа, денес, компаниите како „Хуавеи“, „Тенент“ и „Алибаба“ станаа светски лидери во областа на вештачката интелигенција, интернет-мрежите и квантното пресметување. Неодамна кинескиот стартап „Дипсик“ предизвика возбуда на пазарот за вештачка интелигенција, развивајќи модел што може да им парира на американските гиганти како „Опен АИ“, но со значително помали трошоци и помала компјутерска моќ.