Оценувањето на напредокот на државата треба да биде меритократско, со фокус на исполнувањето на Копенхагенските критериуми, а негирањето на националниот и културниот идентитет е спротивно на европските темелни вредности и принципи, и порачала македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова на специјалната пратеничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Карен Пирс.
На нивната денешна средба во Скопје, која според Силјановска, е показател за британската заинтересираност и посветеност на Западен Балкан, укажала на деструктивноста на билатерализацијата на преговарачкиот процес под закана со вето.
Можно надминување на блокадата, како што се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката, Силјановска Давкова гледа во креативно толкување на Преговарачката рамка и надлежноста на Мешовитата комисија за историски и образовани прашања.
Специјалната пратеничка Карен Пирс изразила разбирање за потребата од надминување на македонската евроинтеграциска блокада.
Соговорничките ја оцениле британско-македонската соработка како успешна, изразувајќи подготвеност за нејзино продлабочување и проширување. Двете очекуваат важни придобивки за регионот од претстојниот Самит на Берлинскиот процес во Лондон.