Претставникот на Граѓанското движење УРА, Зоран Микиќ, соопшти дека по изгласувањето недоверба на црногорската влада, почнала консултации за состав на нова, по телфонски пат, но дека конкретните разговори започнуваат денеска и ќе продолжат утре.
– Прво ќе разговараме со колегите од парламентарното мнозинство, пред се со партиите со кои го потпишавме Меморандумот за политичка соработка, а тоа се СНП, Цивис и малцинските партии. После тоа ќе разговараме со сите останати, бидејќи го понудивме модел на малцинска влада до сите пратеници, кои се вкупни 81, а ние бевме јасни дека во таа влада не можат да учествуваат претставници на Демократската партија на социјалистите и Демократски фронт – изјави Микиќ за весникот „Побједа“.
Тој додаде дека очекува во наредните десет дена да завршат разговорите, бидејќи, како што истакна, граѓаните не можат да чекаат.
– Не треба да губиме време во непотребни партиски препукувања, туку многу брзо да одговориме на нашиот модел и да најдеме решение – рече Микиќ.
Како можен нов премиер се споменува лидерот на УРА, Дритан Абазовиќ.
Парламентот на Црна Гора во петокот и изгласа недоверба на Владата на Црна Гора на премиерот Здравко Кривокапиќ, откако мнозинството пратеници го поддржаа предлогот за разрешување.
Недоверба на Владата и изгласаа 43 пратеници на опозицијата и пратеничката група „Црно на бело“. Против беа 11 пратеници.