Фото: ЕПА

Со нетрпение ги очекувам ЛОИ дома, бидејќи во 2017 година почувствував колку е убаво да се игра и да се победи дома, вели Карабатиќ, кој освои сѐ што може да се освои во ракометот (11 златни медали со Франција, трипати ЛШ, со три клуба, 22 домашни титули за 23 години во три земји, трипати избран за светски играч на годината според ИХФ…)

РАКОМЕТ

Никола Карабатиќ (40) би можел да стане првиот ракометар што учествувал на шест летни олимписки игри (ЛОИ) и првиот што освоил злато четири пати. На клупски план, француската легенда веќе го имаше својот проштален меч, со ПСЖ, пред 15.000 гледачи во арената „Париз-Берси“, а сега оди кон својот последен танц, на олимпискиот ракометен турнир, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Карабатиќ освои сѐ што може да се освои во ракометот. Тој има 11 трофеи со Франција, и тоа три на ЛОИ (2008, 2012 и 2021 година) и по четири на светските (2009, 2011, 2015 и 2017 година) и на европските шампионати (2006, 2010, 2014 и 2024 година). Дополнително, имаше два сребрени медали (ЛОИ 2016 и Светско првенство лани) и четири бронзени (светски првенства во 2005 и во 2019 година и европски во 2008 и 2018 година). Тој одигра 27 големи турнири од 2003 година, пет ЛОИ (2004, 2008, 2012, 2016 и 2021 година) и по 11 на планетарно и на континентално првенство. Карабатиќ пропушти само еден турнир, Светското првенство (СП) во Египет во 2021 година, поради повреда. Тој ја освои Лигата на шампионите (ЛШ) трипати, со три клуба (со Монпелје во 2003 година, со Кил во 2007-та и со Барселона во 2015 година), плус 22 домашни титули за 23 години во Германија, Шпанија и во Франција. Карабатиќ е единствениот спортист што некогаш го освоил францускиот шампионат во екипен спорт 16 пати (седум пати со Монпелје и девет пати со ПСЖ). Трикратниот светски играч на годината според Светската ракометна федерација (ИХФ), кој неодамна го одигра својот последен меч во Германија, тест-средбата со репрезентацијата на таа земја, зборуваше за ЕХФ во пресрет на Игрите во Париз.

Кои спомени Ве поврзуваат со Германија?
– Германија одигра многу голема улога во мојата кариера. Како дете сонував да играм во Кил и во Бундеслигата. Потоа играв четири години под водство на Нока Сердарушиќ во Кил, пристигнав на 21-годишна возраст и бев светски играч на ИХФ на 23-годишна возраст, благодарение на Нока, благодарение на Кил и благодарение на Бундеслигата. Секогаш кога одев во Германија, без разлика дали со клубот или со репрезентацијата, се чувствував како дома. Во секоја сала владее одлична атмосфера. Германија е дом на ракометот. Германија отсекогаш играла голема улога во мојот живот. Сега сакам да дадам сѐ од себе за да бидам меѓу 14-те играчи за ЛОИ.
Секогаш сонувавте да ја завршите кариерата во Париз. Што значат за Вас домашните ЛОИ во Париз?
– По ЛОИ во Токио ме прашаа: Ќе продолжиш? Сакав, но не знаев дали ќе стигнам до Париз. Сега имам 40 години, ЛОИ е и имаме многу млади во тимот што вршат притисок врз мене. Решив да видам како ќе се чувствувам по секоја сезона. Всушност, изненаден сум што уште можам да одам со полн гас на 40 години и уште да имам толкав ентузијазам за ракометот. Неверојатно е да се види дека уште сум тука, станав европски шампион на 39 години. Многу сум среќен, но и работев многу напорно за тоа. Сонот за ЛОИ го имате дома, бидејќи тоа се случува само еднаш на сто години, а јас си помислив: ЛОИ ќе дојдат во Париз кога ќе наполнам 40 години. Тоа е предоцна. Сега се чувствувам среќно што се борам за место во тимот.
Во јануари видно уживавте во славењето на трофејот од ЕП, по победата во финалето против Данска во Келн. Колку Ви беше важно тоа злато?
– Повеќе од сон е да се освои златен медал на 39 години. Неверојатно е да се игра во репрезентацијата во која на секоја позиција ги имате најдобрите играчи во светот. Никогаш не мислев дека и на 40 години ќе можам да играм за ПСЖ и за репрезентацијата. Долго бев на теренот во Келн по церемонијата за да ги доживеам овие емоции со моето семејство. Тоа беше огромен подарок за мене. Сега можеби ќе сакам да ги доживеам тие емоции повторно летово.
Дали веќе сте размислувале како ќе изгледа првиот ден по ракометот?
– Со нетрпение го чекам тој прв ден по кариерата, без тренинзи, со многу време за семејството и за пријателите. Сакам да видам каков е животот без натпревари и тренинзи. Нема да биде лесно, бидејќи ќе биде сосема поинаков живот. Можеби треба да разговараме за тоа по неколку месеци.
Никола Карабатиќ и Микел Хансен, две ракометни легенди, летово се пензионираат. Каков е Вашиот однос со Микел?
– Не сме само ние двајца, Уве Генсхајмер исто так, се пензионира и исто така е легенда. Неверојатно е што сите игравме заедно во Париз. Микел е дел од мојата кариера во клубот, но и во репрезентацијата, одигравме неверојатни финалиња против Данска. Тоа се сензационални спомени. Тоа е убав знак дека во исто време се пензионираме. Игравме еден против друг и заедно. Ние сме многу добри пријатели. А на првиот ден на ЛОИ во Париз е мечот Франција – Данска. Се надевам дека и двајцата ќе бидеме во тимот, ќе играме повторно еден против друг и дека ќе победи Франција.
Олимписките ракометни медали ќе се доделуваат во Лил, каде што одигравте некои натпревари од СП 2017. Што мислите за тоа?
– Во почетокот ракомет требаше да се игра само во Лил. Не бевме толку среќни со тоа, бидејќи немаше да има олимписка атмосфера. Нема Олимписко село. Потоа беше сменето. Сега имаме една недела во Париз, една недела во Лил и ќе ја почувствуваме таа олимписка атмосфера во Париз и ќе живееме во Олимпиското село. И играњето во Лил пред 28.000 луѓе ќе биде убаво. Можеме да му покажеме на ИОК дека ракометот е огромен спорт. Пред неколку години сакаа да го тргнат ракометот од олимписката програма.
Ако погледнете назад на Вашите 22 години како репрезентативец, кој беше најдобриот турнир?
– Имам одиграно премногу турнири (за да изберам еден), но кога го игравме СП 2017 во Франција и станавме светски шампиони, тоа беше нешто поинаку. Тоа беше единствениот пат во 22 години кога играв голем турнир дома. Чувството беше едноставно огромно, енергијата беше неверојатна. Затоа со нетрпение ги очекувам ЛОИ дома, бидејќи во 2017 година почувствував колку е убаво да се игра и да се победи дома. Н.М.


Стартапи, камп, посета на пријатели низ Европа, кокоментатор, Супербоул, Баерн, Борусија…

Ќе останете ли во ракометот?
– Имам многу проекти, почнувајќи од инвестиции во стартапи, каде што сакам да им го пренесам моето искуство како спортист на основачите, сѐ што научив во ракометот може да се искористи и во бизнисот. Ќе разговарам и со ПСЖ за тоа што можеме понатаму, но не сакам веднаш да станам тренер или менаџер. Сакам да имам слободно време за моето семејство или да посетувам пријатели низ цела Европа. Сакам да го развијам и кампот за млади ракометари што го изградив со мојот брат Лука. Имаше барања од медиумите да бидам кокоментатор, но сакам да одам и на Супербоул, сакам да ги видам Баерн на „Алијанц арена“ и Борусија Дортмунд на „Сигнал Идуна парк“ – рече Никола Карабатиќ во интервју за Европската ракометна федерација. Н.М.


Сѐ беше неверојатно, сезонава играв против секој клуб за кој сум играл

Во вашата проштална сезона 2023/24 бевте поздравени во секоја сала. Какво беше тоа искуство?
– Беше едноставно прекрасно. Сезонава играв против секој клуб за кој сум играл досега. Почна во Купот на Франција против Фронтињан, мојот прв клуб. Тоа беше лудо. Потоа против Кил, Монпелје, Аи и Барселона, во француската лига или во Лигата на шампионите. Сѐ беше неверојатно. Речиси во секоја сала имаше одличен пречек. Имаше многу емоции, а јас бев само среќен. Мојот последен натпревар во „Берси“, со 15.000 гледачи, исто така, беше прекрасно искуство. Многу сум среќен што можев да ја доживеам сезонава вака. И имав можност да доживеам сѐ поинаку, со повеќе забава и поопуштено – вели Никола Карабатиќ во интервју за Европската ракометна федерација. Н.М.