По се што ми се има случено, мислам дека имав не толку обичен живот. Денес ми е многу важно се што ќе излезе од мене да има некаква смисла. Се што ќе кажам, напишам…, вели Беќковиќ
Иван Беќковиќе е познат македонски радио водител, новинар и музички критичар, кој долги години остава вистински траги во светот на музиката, на креативните, на познатите јавни личности во земјава и пошироко, во регионот.
Како претставник во Македонија на најголемата дискографска куќа на Балканот, „Кроација рекордс“, дава се од себе да иницира реобјавување на некои македонски постари изданија, како и нова музика на наши изведувачи. Сите што работиме во оваа област, се сеќаваме на неговата МММ- Македонска музичка мрежа, прв специјализиран сајт кај нас, отворен на почетокот на новиот милениум.
Неодамна му беше објавена приказна во книгата на Џибони – „Дрво“, каде што дваесетина писатели и новинари од регионот пишуваа инспирирани од некоја песна на Златан Стипишиѓ. Неговата приказна беше единствената, не само на македонски, туку и напишана на кирилица, на што е особено горд.
На овие и на други теми поразговаравме со Иван Беќковиќ, сосема искрено и со мала доза на меланхолија, за она што поминало, но со радост за планвите што допрва чекаат да се реализираат.

Ќе почнеме од Вашето презиме, што верувам за Вас е и гордост и обврска. Како Вие лично го доживувате тоа и дали на некој начин презимето Беќковиќ Ви помогнало во животот?
– Ова никој до сега не ме прашал. Моето презиме… Залог за иднина на моите деца, нешто на што сум бескрајно горд. Во време, кое не е толку далечно, кога се почитуваа вредностите, моето презиме важеше за „трејд марк“. Се сеќавам, кога аплицирав за мојот прв мобилен телефон, тогашен „Мобимак“, една госпоѓа од „под масата“ ми понуди некои специјални броеви, заради тоа што во младоста ги сакала песните од чичко ми Матија. Денес е поинаку…Еден наш колега, директор на еден познат медиум, кога преговаравме за работа, дословно ми кажа: „Имаш зае*ано презиме“. Така стојат работиве – некогаш и сега (се смее).
Вашиот опсег на агажмани е навистина голем. Но, да се вратиме на почетоците, навестувањата на идната професија. Што како дете беше Ваша најголема љубов, желба, одговор на прашањето: што ќе бидеш кога ќе пораснеш?
– Мојата љубов кон музиката врви од кога знам за себе. Првите сеќавања се слушање плочи со мајка ми. Тоа беа бајките на Дизни, во слика и збор. Со секоја грамофонска плоча доаѓаше книга, па како што слушаш, ги следиш сликите. Тука беа и шлагерите кои ги сакаше мајка ми – Арсен, Тереза, Мики Јевремовиќ… Не сум забележал кај себе некој талент, дури ни иницијатива да владеам со некој музички инструмент, но, дефинитивно, сакав да бидам блиску до музичарите. Како новинар или како организатор на нивните настани, промоции и слични настани.
Подоцна, што беше пресудно да се определите за зборот како алатка?
– Добро ми тргна. Многу читав, посебно музичка литература, музички списанија. Посакав јас да сум тој што го води разговорот. И, како што кажа Бреговиќ – „Станавме музичари, бидејќи за музичарите се лепеа девојките“, и јас станав музички новинар, оти сакав да бидам блиску до тој свет.
Секогаш поврзано со Вас е и радиото. Во последниве неколку години сте водител на емисијата „Нова плоча“ на радио Метрополис, иако претходно бевте дел и од други радио емисии и проекти. Дали се уште се чувствувате убаво пред радио-микрофонот?
– Проектот „Нова плоча“ го иницираше Дарко Гелев – Брејк, сопственикот на „Метрополис радио мрежа“, откако станав супервизор на „Кроација рекордс“ за Македонија. Чувството на претставување на нова музика е непроценливо. А, потајно и понатаму посакувам да водам утринска програма (се смее).
Голем чекор за секого е да биде прв во нешто, а меѓу другото Вие со вашите соработници прв ја отворивте МММ- Македонска музичка мрежа, прв специјализиран сајт кај нас. Беше ли предизвик за Вас да успеете во оваа намера?
– MMM беше прекрасен проект, на стартот на овој милениум. Од јануари 2003-та па во наредниве десетина години тоа беше медиум кој како извор на информации беше од голема полза, како на музичари, така и на издавачките куќи, концертните промотери и слични музички дејци. Денес, сите со носталгија се сеќаваат на МММ, иако многумина во тоа време ни правеа невидени сопки, со намера да ја оневозможат нашата работа.
Денес, многу години по згаснувањето на МММ знам дека сајтот ја имаше мисионерската улога и дека го оправда своето постоење. Жал ми е само што не покажав поголема иницијатива да го подготвам проектот за ова време сега.

Сепак, основа на се што правите е новинарството, со кое долги години се занимававте во повеќе магазини, весници и списанија, а неодмана бевте дел и од редакцијата на „Слободен печат“. Сето ова подразбира многу контакти, средби, интервјуа… Дали секогаш работата на ова поле Ви беше задоволство и што никогаш нема да заборавите од тој период?
– Ако ми верувате, јас веќе не се ни сеќавам на сите медиуми за кои сум работел. Радио „Луна“, ТВ 96, весникот „Експрес“, „Денес“ и „Македонија денес“, „Семеен магазин“, „ВИП Гала“, „АванГарда Магазин“, „Теа модерна“, „Граѓански“, Радио Слободна Македонија, Хепи радио… На крајот дојде „Слободен печат“, но тоа беше многу кус период. Од денешен аспект, „памтим само сретне дане“. Особено сум горд на периодот на „Граѓански“, а најголемото школо ми беше дефинитивно „Македонија денес“.
Никогаш нема да ги заборавам дружењата и интервјуата со Арсен Дедиќ, Бора Чорба, Кустурица…
Соработката со најдобрите ја има и во Вашиот ангажман како претставник на „Кроација рекордс“ кај нас. Верувам дека најсреќен сте кога посредувате, па можеби и помагате некои македонски изведувачи да добијат носач на звук од најголемата дискографска куќа во регионот.
– Соработката со „Кроација рекордс“ (Croatia Records) успешно трае веќе седум години. Освен тоа што ги промовирам новите изданија во Македонија, давам се од себе да иницирам реобјавување на некои македонски постари изданија, како и нова музика. Сепак, не е се до „Кроација рекордс“. И самите музичари, изведувачи и групи, треба да покажат многу поголема иницијатива и посебност, за да бидат под закрилата на најголемата дискографска куќа во регионот.
Дали можеби и политиката и политичарите некогаш Ви биле во фокусот?
– Има една песна од „Атомско склониште“, рефренот оди вака: „Авганистанац у свемиру, јављају Руси на радију“. Ете така се чувствувам во такво опкружување. Џони Штулиќ убаво си кажа: „На стратегиските места нивни луѓе….Курвини синови…“ (Na strateškim mjestima njihovi ljudi… Kurvini sinovi…). Стратегиските позиции одамна се пополнети, така што…
Како добар познавач на музичките прилики кај нас и во регионот, како, според Вас, дома стојат работите, дали одиме напред или сме среде креативна и друга криза?
– Македонската сцена, каде што има извонредно талентирани автори и изведувачи, веќе подолго време е во состојба на клиничка смрт, од икс/ ипсилон причини. Се плашам дека работиве одамна се отидени до таму од каде што, за жал, нема враќање.
Набројавме многу ваши преокупации, но сепак, што и да правите, имате огромна поддрша од семејството, од сопругата Маја, од децата, а верувам и од внуците. Колку Ви значи тоа, таа ваша мирна, сигурна оаза?
– Семејството е онаа клетка од која се почнува и се завршува. Со децении наназад давав се од себе и музиката да стане дел од моето семејство. Мислам дека успеав…
Сепак, сите ние сме дел од една голема глобална сцена, па колку се што се случува во нашата земја, во регионот и во светот, влијае на Вас како човек?
– Насекаде околу нас се случува хаос. Барем јас така го доживувам новото време. Заради тоа, среќен сум што полека го играм „второто полувреме од животот“ и полека се подготвувам да заминам од светот кој одамна ја загубил мерката за вистински вредности.
Иване, пред Вас е период на зрелост и искуство, но и голема мотивираност за нови предизвици. Што да очекуваме од Вас во наредниот период на креативен план?
– По се што ми се има случено, мислам дека имав не толку обичен живот. Денес ми е многу важно се што ќе излезе од мене да има некаква смисла. Се што ќе кажам, напишам… Учествував во неколку емисии на Македонската телевизија на тема „Леб и сол“, македонска музика…, и тоа добро помина. Постојано ми се јавуваат луѓето дека ги гледале емисиите и дека им се допаднало кажаното. На стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески го иницирав проектот за реиздавање на „Проста и строга македонска песна“ на компакт диск, и десет илјади бесплатни примероци сега се во македонските домови. Како тестаментот на Конески за македонскиот национален код, кој никој не може да го одземе.
Неодамна ми беше објавена приказна во книгата на Џибони – „Дрво“, каде што дваесетина писатели и новинари од регионот пишуваа инспирирани од некоја песна на Џибо. Мојата приказна беше единствената, не само на македонски, туку и на кирилица. На тоа сум посебно горд. Исто како што сум горд на времето од пред дваесеттина години, кога со легендарниот Иво Лауренчиќ работев на книга за политички маркетинг „Потрага по глас“.
Ако има време, би сакал и во иднина да се случи некој таков проект, кој на креативен план ќе остави вистинска трага во ова бесмислено море во кое доминираат лажните вредности.