Претседател на Алтернатива Африм Гаши на денешната седница на Комисијата за уставни прашања изјави дека начинот на кој е изготвен предлогот за уставни измени и времето кога е предложен не е европски. Според него еден предлог „кој се плаши од борбата против корупцијата и се плаши од употребата на албанскиот јазик не е во европски дух“.
-Пристапувањето кон ЕУ ви е само лага. Некој што мисли за интеграција на државата во ЕУ не се однесува како што се однесувате вие – да најдеме некој виновник за да не поминат уставните измени, а ние да победиме на изборите. Ова е вашиот слоган, бидејќи вие не размислувате за државата и иднината на граѓаните, туку за иднината на вашите партии и за лично за вас. Ќе поставам прашање – Зошто овој предлог доаѓа на овој начин? Зошто е изготвен на овој начин? Зошто во овој предлог за пристапување кон измена не е и нашиот амандман за борба против корупцијата? Како што знаете, ние предложивме јавно да не застарат делата за корупција, но Владата го донесе предлогот без нашиот предлог. Кој се плаши од незастарувањето на предметите за корупција? Уште колку лица како Сашо Мијалков треба да заштитите или уште колку предмети треба да застарат за вие да заштитите некои политичари? Можеби сакате да го заштитите Рамиз Мерко кој беше на црната листа? Ве молам кажете ми кој се плаши од борбата против корупција? Дали има такви лица и во оваа сала? Дали Северна Македонија не би била поевропска со оваа измена? Секако дека на овој начин, односно ова ќе беше проблем за еден дел од нив, меѓутоа нашите граѓани ќе беа поспокојни, а политичарите ќе размислеа два пати пред да навлезат во црвена зона- рече Гаши.
Забележа и зошто во овој предлог не е опфатено барањето во однос на 20-те отсто.
-На која политичка партија и пречи албанскиот јазик да се именува исто како и македонскиот јазик, а не да се именува на дискриминирачки начин? Зошто тогаш не го вметнавте и овој дел во предлог-изменувањето? Дали албанскиот јазик е помалку важен од интеграцијата?, праша Гаши.
Гаши на крајот на својот говор истакна дека неговите партиски органи координирани со другите партии ќе ја следат дискусијата и ќе ги очекуваат одговорите на неговите прашања.
Пратеникот од Беса, Фадил Зендели на Комисијата кажа дека тој и неговата колешка ќе поддржат уставни измени, но исто така повторно се заложи за нивното барање за тргање на „20 отсто“ Албанци од Уставот.
Зендели праша зошто токму сега дојде иницијативата во Собранието кога толку долго време се чекаше се зборуваше за неа и ако Владата беше посветена на европската агенда. Според него, со еден збор ова е купување на време за да се одолговлекува нивниот мандат.
Зборувајќи за Преамбулата, рече дека нема ништо против припадници на други етнички заедници да бидат ставени во неа и да бидат рамноправни.
-Со внесување на другите ентитети овде се губи значењето на нас како Албанци во оваа Прембула. Ние како движење Беса немаме проблем за внесување на Бугарите во Уставот, но дебатата може да предизвика поделби во општеството. Дел од дебатата требаше да биде и прашањето за 20 отсто, рече пратеникот на Беса.
Потсети дека за ова нивно барање Беса не добила ниту еден одговор од институциите, и оцени дека тоа е недостиг на почитување кон политичките субјекти.