Најмалку едно лице загина во пукање во американскиот град Сент Пол, а 14 се повредени, пренесе „Ен-би-си“. Пукањето се случило синоќа околу 15 минути по полноќ по локално време.
Според првичните информации, неколку напаѓачи отвориле оган во еден бар. Убиена е девојка на возраст од дваесетина години, а другите ранети биле пренесени во болница. Тамошната полиција соопшти дека се очекува сите повредени да преживеат.
– Во еден момент тие се нашле во пеколна ситуација. Ги имаме најдобрите инспектори во земјата и нема да застанеме додека не откриеме кој е одговорен за ова лудило. Моето срце е скршено поради убиената девојка, нејзините најблиски и сите други што беа во тој бар – рече началникот на полицијата, Тод Акстел.
Градот Сент Пол каде што се случи пукањето е главен град на американската сојузна држава Минесота.