Сликите од шпионските сателити поставени за време на Студената војна откриваат масовна загуба на мраз од глечерите на Хималаите, пренесува Би-би-си.
Климатските промени се одговорни за топењето на мразот во овој регион, што претставува сериозна закана за стотици милиони луѓе кои живеат во близина на вода. Истражувањето базирано на сателитски податоци во последните 40 години, открива дека топењето на мразот на глечерите на Хималаите е двојно зголемено во тој период.
Истражувањето покажало дека од 2000 година врвовите на глечерите се намалуваат, во просек, по 0,5 метри годишно. Истражувачите констатираа дека климатските промени се главна причина за оваа катастрофа.
– Од оваа студија ја добивме најјасната слика досега за тоа како се менуваат глечерите на Хималаите – изјавил за Би-би-си Џошуа Маурер од Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк.
Оваа загуба на хималајските глечери може да доведе до два големи проблеми. Краткорочно, глечерите кои се топат зад себе оставаат остатоци од карпи кои создаваат брани и доколку тие пукнат многу села ќе бидат поплавени и уништени. Долгорочно, загубата на мразот од глечерите значи загуба на идната банка на вода на Азија, која треба да биде резерва за периодите на екстремни горештини и суша.