Шпанската граѓанска војна заврши на денешен ден пред 80 години, но годишнината од крајот на крвавиот судир ја открива поделбата во шпанското општество, информира МИА.
Здружението за зачувување на историското сеќавање, една од главните организации за заштита на сеќавањето на републиканските жртви на војната, денеска изрази жалење дека државата не организирала ниту една церемонија да го одбележи овој ден.
– Шпанија на 1 април 1939 година стана концентрационен логор, губилиште, каде по тој датум беа убиени 55 илјади луѓе, општество во кое илјадници вдовици не можеа да ги жалат своите мртви (…) ниту да ги земат од масовните гробници и да им пружат достоен погреб – се наведува во соопштението на Здружението.
Владата на социјалистот Педро Санчес денеска не организираше ниту една комеморација. Санчес во јуни минатата година кога стана премиер, како еден од приоритетите го наведе отстранување на телото на Франко од мавзолејот во Ваље де лос Каидос. Ексхумацијата е предвидена за 10 јуни годинава.
– Денеска, 1 април се одбележуваат 80 години од завршувањето на граѓанската војна. Во Шпанија целосно недостасува признание за тие кои се бореа за демократијата – изјави Ионе Белара, претставничка на левичарската партија Подемос.
Додека правнукот на генерал Франко, Луис Алфонсо де Бурбон ја прослави 80-годишнината од „победата“ на франкистите.
– Денеска 1 април се одбележува 80-годишнината од победата на националниот табор над Црвената армија, со што заврши граѓанската војна – напиша Бурбон, војвода од Анжу и наследник на непостоечкиот француски престол, на Твитер.
Новоформираната екстремистичко десничарска партија Вокс на листата за претстојните парламентарни избори стави двајца пензионирани генерали, кои минатиот јули потпишаа манифест во кој ја бранат „воената личност на генерал Франко“, за кој тврдат дека „е оспорен до незамисливи граници“.
Шпанската граѓанска војна почна на 17 јули 1936 година со бунтот на Франко и неколку други генерали против левичарската влада на Народен фронт, а заврши на 1 април 1939 година со освојување на Мадрид и Барселона од националистите. Бројот на жртвите во граѓанската војна не е дефинитивно утврден и во зависност од изворите постојат големи разлики.
Франко за време на граѓанската војна добиваше воена и друга помош од нацистичка Германија и фашистичка Италија, додека републиканците имаа поддршка од тогашниот Советскиот Сојуз и борци од повеќе држави организирани во Интернационална бригада.
САД, Велика Британија и Франција официјално ја признаваа шпанската републиканска влада, но на ниту еден начин не и помогнаа, туку прогласија неутралност.