Пукањето во средното училиште „Саугус“ вчера ја потресе јавноста на САД. Младиот оружен напаѓач не се издвојувал по ништо од неговите соученици. Токму тоа ги потресе оние што го познаваа. Нападот е доказ дека насилството со оружје и понатаму останува кошмарен проблем за САД.
Само неколку мигови откако тројца полициски службеници кои не биле на должност ги однеле нивните деца на настава во средното училиште „Саугус“ во Јужна Калифорнија, во училишниот двор започнало пукање, по што тие веднаш се упатиле внатре, спасувајќи ги животите на повредените деца, пренесува Си-ен-ен.
Оружениот напаѓач отворил оган во училишниот двор при што убил двајца средношколци и ранил тројца други, по што се обидел да си го одземе животот. Осомничениот е хоспитализиран и е во критична состојба, пренесуваат американските медиуми. Тој нападот го извел на неговиот 16-ти роденден.
Според информациите од локален полициски службеник, оружјето на напаѓачот во еден момент заглавило, што најверојатно било доволно бројот на жртвите да не биде голем.
– Оружениот напаѓач влегол во училишниот двор, по што од ранецот го извадил пиштолот и испразнил еден шаржер кон учениците. Откако погодил еден ученик, пиштолот на напаѓачот закочил, по што повторно успеал да го репетира и испалил уште четири шаржери, за на крај да се обиде и да посегне по својот живот. Нападот траел само 16 секунди – информира шерифот Алекс Вилануела.
Детективот Даниел Фин е еден од тројцата полициски службеници кои не биле на должност, а се нашол кај училиштето кога нападот започнал. Тој ги чул истрелите и го видел настанатиот хаос, по што веднаш го запрел автомобилот и се упатил кон училиштето. Офицерите Шон Јанез и Гус Рамирез, кои исто така не биле во моментот на должност, го сториле истото и за само неколку секунди биле во училиштето. Тие веднаш пристапиле кон укажање прва помош на ранетите.
Осомничениот е идентификуван како Натаниел Бероу, информира Си-ен-ен. Тој живеел со неговата мајка, а неговиот татко починал во 2017 година од природни причини. Засега мотивите за нападот не се познати. Тој и жртвите не се поврзани на никаков начин.
– Ништо не го издвојува Бероу од другите ученици. Тој не беше осамен и неприфатен од околината, учествуваше во училишните активности и спортуваше. Нападот ги изненади сите кои го познаваа – додава Вилануела.
Инспекторите ги проверуваат неговите профили на социјалните мрежи и активноста на Интернет.
Учениците помислиле дека станува збор за пукнат балон
– Сите помислија дека пукнал некој балон. Потоа наеднаш стана многу тивко. Откако ги чувме другите истрели, сите почнаа да бегаат надвор од училиштето – изјави Бруклин Морено, која наместо првиот час, ја пречекал хаосот од пукањето.
Околу 20 ученици за време на нападот побегнале од училишниот двор и побарале засолниште во куќа од другата страна на улицата.
– Видов ученици како врескаат и бегаат. Ме прашаа дали може да се скријат во мојата куќа. Сакав да ги засолнам и да бидат на безбедно – изјави Лери Еверхарт, кој за време на настанот бил излезен да купи кафе.
По нападот, надлежните соопштија дека училиштето е затворено, како и други две блиски основни училишта.