Шведска конечно може да добие одговор на прашањето кое ја прогонува три и пол децении: „Што се случи ноќта на 28 февруари во 1986 година?“. Додека шведскиот премиер Улоф Палме, заедно со неговата сопруга Лисбет, таа ноќ се враќаа кон нивниот стан, беа застрелани од непознат напаѓач. Шведскиот премиер им подлегна на повредите, а атентатот стана една од најголемите мистерии на Шведска, пренесува „Политико“.
Напаѓачот избегал од местото на настанот, а се чини како веднаш да исчезнал од лицето на земјата. И покрај долгогодишната истрага, тој никогаш не бил идентификуван. Убиството на Палме беше пресвртен момент во политиката на Шведска.
Но, три и пол децении подоцна, можно е мистеријата да почне полека да се расветлува. Обвинителот кој го води случајот даде изјава која ја изненади целата земја.
– Позитивен сум дека тоа што ќе го објавиме ќе даде одговори што навистина се случи таа ноќ и кој е одговорен за убиството на премиерот Палме. Мојата цел е до средината на 2020 година или да го обвиниме сторителот, или да ја затвориме истрагата – изјави Кристер Петерсон во интервју за шведската јавна телевизија во февруари.
Неговото интервју ги разгоре шпекулациите и дебатите меѓу криминолорзите и истражувачките новинари. Зарем е можно ова да биде почеток на крајот на најголемата истрага во шведската криминална историја?
Како пратеник, Палме направи раздор во внатрешната и надворешната политика на Шведска. Тој инсистираше на проширување на социјалната држава и зајакнување на синдикатите, а остро ги критикуваше САД, особено за време на војната во Виетнам. Годината кога беше убиен, тој го служеше неговиот втор мандат по изборите во 1982 и 1985 година, а економијата во Шведска се соочуваше со големи предизвици.
За време на одбележувањето на 30-годишнината од неговиот атентат, шведскиот премиер Стефан Левен го нарече случајот „отворена рана за Шведска“.
Лисбет Палме, која го преживеа атентатот, а почина во 2018 година, откри неколку детали за случувањата таа ноќ. Тие одлучиле да му дадат слободен ден на нивното обезбедување и да се упатат кон киното „Гранд Синема“ заедно со нивниот син Мартен, во Стокхолм. По филмот, тие се разделиле од Мартен и се упатиле пеш кон нивниот апартман. Ја преминале улицата за да погледнат во излог на некоја продавница. Темна фигура им се приближила со брзи чекори и почнала да пука, по што брзо потрчала кон истокот на градот и исчезнала.
Сведокот на настанот, Андерс Бјуркман, го опиша атентаторот на полицијата како мрачна фигура која носела темно-сина плетена капа и долго темно палто кое достигало до колената. Сепак, истрагата брзо затапкала во место, а лутината на јавноста се зголемила откако беше уапсен погрешен човек идентификуван од Лисбет, а кој се наоѓал случајно на местото на настанот. Подоцна, таа го променила нејзиниот исказ и човекот бил ослободен.
Други две теории исто така беа популарни. Една од нив е дека јужноафриканските тајни служби го убиле Палме поради неговите гласни критики на нивниот режим. Втората е дека очевидец во судењето од 1986 година го извршил атентатот поради политички несогласувања со Палме.
Но, интервјуто со обвинителот зададе повеќе прашања отколку одговори. Не е јасно зошто тој се премисли за неговите крајни заклучоци, или зошто понуди две опции, да се обвини виновниот или да се затвори случајот, ако е уверен дека знае кој е одговорен за атентатот. Експертите посочија дека има голем број сценарија според кои Петерсон би можел и да го идентификува убиецот и сепак да го затвори случајот, вклучително и ако убиецот е мртов. Тој ги одби барањата да биде интервјуиран за овој дел од истрагата.
Водечкиот полицаец за случајот, Ханс Меландер, изјави за „Политико“ дека интервјуата за случајот се во тек, но одби да даде дополнителни детали за истрагата. Но, тој исто така рече дека верува оти случајот е близу до решавање. Експертите кои ги следеле истрагите, исто така, се претпазливи и оптимистични.
Обвинителот Персон, поранешен полицаец, шпекулираше дека истражителите најверојатно можеле да го пронајдат оружјето со кое е направено убиството, а кое недостасува од 1986 година.
За Шведска, решавањето на 30-годишната мистерија може да помогне во смирување на националното чувство на траума. Секоја година, на 28 февруари, луѓето ја одбележуваат смртта на Палме со положување рози на уличниот агол каде што беше застрелан.
– Швеѓаните сакаат одговори и конечно решавање на случајот – вели Сара Осберг, адвокатка која беше една од многуте граѓани што го посетија аголот каде што беше застрелан Палме.