Лидерите на Германија и на Франција вчера предложија фонд за закрепнување на европската економија од 500 милијарди евра, која е погодена од пандемијата на коронавирусот, јавува АП. Како што пренесе новинската агенција, во заедничка изјава германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон наведуваат дека во предложениот фонд ќе настојуваат да се осигури дека буџетот на Европската Унија ќе се троши за да им се помогне на секторите, индустриите и регионите, кои особено се погодени од коронавирусот. Францускиот претседател Макрон истакна дека според тој предлог 27 земји-членки заедно ќе се задолжат на француските пазари и ќе употребат 500 милијарди евра за обезбедување финансии за најтешко погодените сектори и региони.
– Предлагаме да направиме вистински трансфери на пари, тоа е голем чекор – рече Макрон. Како што беше истакнато, ова е финансиска помош, а не заем. Европската комисија оваа сума треба да ја финансира преку заеднички обврзници. Макрон и Меркел порачаа дека ќе бараат „брз одговор“ за буџетот на ЕУ и за предложениот фонд за закрепнување што најверојатно ќе наиде на отпор кај „фискалните јастреби“ во блокот, како Холандија. Од друга страна, германската канцеларка Меркел напомена дека овој заеднички фонд треба смело и привремено да се бори за излез на европската економија од рецесија.
– Нашата цел е јасна. Европа ќе ја надмине оваа криза и заеднички ќе излеземе посилни – рече Меркел. И таа и Макрон заклучија дека Европската Унија исто така мора да прибегне кон итни мерки во оваа вонредна состојба.