Филипинскиот претседател, Родриго Дутерте, отворено се изјасни дека размислува да го забрани социјалната мрежа Фејсбук кога американската социјална мрежа одлучи да ги отстрани профилите, кои, како што тврди филипинскиот претседател, ги штитат државните интереси и се користат во борбата против бунтовниците.
Од „Фејсбук“ минатата недела објавија дека отстраниле група лажни профили затоа што нивните корисници се обиделе да го скријат нивниот вистински идентитет и да дејствуваат на координиран начин во мрежата со намера да измамат други корисници, објави АП.
Дутерте изјави дека засега не размислувал за конкретни потези во врска со ова прашање, но за време на вчерашното телевизиско појавување, меѓу другото, се изјасни за разговор со раководството на Фејсбук.
– Им порачувам на раководителите на „Фејсбук“ дека бунтовниците сакаат да ја соборат владата. Која е целта на вашиот бизнис на Филипините ако не сте во можност да ни помогнете да спречиме уривање на владата? Ако не сте во можност да помогнете во заштитата на државните интереси, сè уште можеме да разговараме и да се обидеме да најдеме некое решение. Но, ако не го најдеме, ќе ми биде жал – рече Дутерте.
Критичарите на филипинскиот претседател, без оглед на случајов, го критикуваа Дутерте за користење мрежа на лажни профили на социјалните мрежи со цел да лажира поддршка од јавноста и да ги маргинализира неговите критичари и противници.