Бројот на бегалци и внатрешно раселени лица во светот минатата година достигна рекордни 68,5 милиони луѓе, соопшти денеска Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР).
Оваа бројка се зголемува веќе петта година по ред.
Во својот годишен извештај објавен денеска, УНХЦР го објаснува продолжувањето на зголемувањето на бегалците и внатрешно раселените луѓе во светот во 2017 година со кризата во Демократска Република Конго, конфликтот во Јужен Судан и бегството на стотици илјади рохинџи од Мјанмар.
Еден на секои 110 луѓе во светот е принуден да живее надвор од својот дом.
Статистиката покажува дека во 2017 година бројот на бегалци е зголемен за 3,1 милиони во однос на 2016 година. За споредба, во 2016 година, зголемувањето во однос на претходната година било малку повеќе од 300.000. 25,4 милиони од вкупно 68,5 милиони бегалци избегале од конфликти или прогон.
Вкупно 70 отсто од бегалците избегале од конфликти во само пет земји – Авганистан, Мјанмар, Сирија, Сомалија и Јужен Судан. Тоа значи дека бранот бегалци може значително да се забави ако се најде решение за една од овие кризи, изјави високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.
Во исто време, тој истакна дека ниту една од овие земји не забележа таков напредок.
Околу 85 проценти од бегалците во светот побарале азил во земји со ниски или средни примања, прецизира Гранди на прес-конференција во Женева.
Најмногу бегалци минатата година прифатиле Турција, Пакистан, Уганда, Либан и Иран, па Германија.
– Се наоѓаме во одлучувачки момент во кој најсоодветниот одговор на присилното иселување во целиот свет ќе бара нов и глобален приод, со цел земјите и заедниците да не бидат оставани да се справуваат сами со слични ситуации – истакна Гранди.
Бројот на внатрешно раселени лица во светот минатата година достигна 40 милиони луѓе што е многу мал пад во однос на претходната година. Нивниот број е најголем во Сирија.