Турција најави суспензија на договорот со Европската Унија за реадмисија на мигранти, постигнат во 2016 година, како одговор на санкциите на Брисел против Анкара поради истражувањето гас во територијалните води на Кипар. Благодарение на договорот, бројот на мигранти што стигнуваат на грчките острови е повеќепати намален. Истовремено, ни процесот за реадмисија не зеде поголем замав. Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу изјави дека суспендирањето на договорот не е само поради неодамна воведените санкции од ЕУ туку и поради тоа што Брисел сѐ уште не го вовел договорениот безвизен режим за патување за турските граѓани.
– Договорите за реадмисија и за укинување на визите би требало да стапат во сила во исто време. Затоа го суспендираме договорот за реадмисија. ЕУ треба да дејствува како посредник, а не да се става на страната на Кипар – порача Чавушоглу.
Договорот за реадмисија предвидува сите мигранти што ќе стигнат на грчките острови преку турскиот брег да бидат вратени во Турција. Па така, на пример, на секој сириски бегалец што ќе биде вратен во Турција, еден барател на азил што престојува во Турција ќе биде преместен на територијата на ЕУ.