Единиците на активната американска војска донесени во Вашингтон поради протестот почнуваат да се враќаат во нивните матични бази, објави магазинот „Тајм“.
Таа одлука ја донесе секретарот задолжен за безбедноста, Марк Еспер, пренесува „Тајм“.
Претставници на Министерството за одбрана соопштија дека околу 200 членови на елитната 82. воздухопловна единица за брзи дејства ќе го напуштат главниот град во текот на денот. Останатите активни трупи, кои се наоѓаат во воените бази надвор од градот во северна Вирџинија и Мериленд, исто така, ќе бидат повлечени во нивните бази во наредните денови, доколку дозволат условите.
Активните трупи беа ставени на располагање да интервенираат во Вашингтон, но не беа искористени како одговор на протестите.
Заминувањето на трупите доаѓа откако министерот за одбрана Марк Еспер им рече на новинарите дека сегашните услови не бараат употреба на воена сила за спроведување на законот и задушување на протестите.
Во последните неколку дена американскиот претседател Доналд Трамп разговараше за употребата на војската за спречување на насилните протести во американските градови.
Околу 1.300 војници на активните воени сили беа донесени во регионот на главниот град откако протестите станаа насилни, по смртта на Џорџ Флојд во Минесота.