Трговската војна помеѓу САД и Кина се разгоре, при што американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе дополнителни царини врз нови кинески производи во вредност од 200 милијарди долари
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе дополнителни царини врз нови кинески производи во вредност од 200 милијарди долари, со што само ја разгоре трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот. Трамп нагласи дека царините од 10 отсто ќе стапат во сила ако Кина „одбие да ги промени своите практики“. Овој потег ќе го ескалира трговскиот спор, а светските берзи веќе претрпеа тешки падови, јави Би-би-си.
Кина на потегот на Трамп одговори со обвинувања против САД за „уцени“, со што само ги зголеми стравувањата од целосна трговска војна. Кинеското министерство за трговија најави дека државата ќе преземе „квантитативни и квалитативни мерки“ и дека „цврсто ќе се бори“ против најавените дополнителни царини од американската администрација.
Трамп инсистира дека Кина со години неправедно профитира од трговските односи со САД. За време на изборната кампања во 2016 година, тој вети дека ќе ги искористи царинските мерки за намалување на трговскиот дефицит на САД. Но многу економисти предупредуваат дека царините веројатно само ќе ги поскапат производите за американските потрошувачи и ќе им наштетат на некои американски бизниси за кои администрацијата на Трамп вели дека сака да ги заштити, а кои зависат од Кина за делови или за нивно склопување.
Азиските пазари вчера регистрира пад по веста за нови царини, а најпогодена беше берзата во Шангај, додека пад забележаа и европските пазари.
Трамп минатата недела објави дека САД ќе воведат царини од 25 отсто за кинески производи во вредност од 50 милијарди долари. Пекинг возврати, велејќи дека ќе воведе царини за 659 американски производи, исто така во вредност од 50 милијарди долари.
Трамп неделава повторно ги осуди „неправичните практики на Кина поврзани со стекнување на американскиот интелектуален имот и технологија“.
– Наместо да ги менуваат своите практики, тие сега им се закануваат на компаниите од САД, работниците и земјоделците, кои не направиле ништо лошо – рече Трамп.
Тој нагласи дека новите царини веднаш ќе стапат во сила ако Кина одбие да ги промени своите практики и ако инсистира да ги воведе новите царини што ги најави неодамна.
– Ако Кина пак ги зголеми царините, ние ќе возвратиме со дополнителни царини врз нови кинески производи во вредност од 200 милијарди долари – нагласи Трамп.
Кинеското министерство за трговија реагираше брзо, нагласувајќи дека ако САД дејствуваат „нерационално“, тогаш Кина ќе преземе „сеопфатни мерки со соодветен број и квалитет и ќе преземе силни и моќни контрамерки“.
Претходно најавените царини на САД се однесуваат на над 800 кинески производи во вредност од 34 милијарди долари и тие треба да стапат во сила на 6 јули. Исто така, Трамп од 1 јуни воведе царини од 25 отсто на увозот на челик и од 10 отсто за увозот на алуминиум, наведувајќи ја националната безбедност како главна причина. Потегот ги разгневи американските сојузници, ЕУ, Канада и Мексико, кои најавија реципрочни мерки.
Аналитичарите оценуваат дека Трамп почнува трговска војна во пресрет на изборите за Конгресот во ноември. Според нив, цврстиот однос кон Кина добро поминува кај многу негови поддржувачи, но сепак не го одобруваат многу републикански функционери, кои претпочитаат слободна трговија и не сметаат дека тоа е добар начин за решавање на американските спорови со Кина.
– Изборите за Конгресот во ноември се од големо значење за Трамп, а истовремено Кина јасно сака да биде глобален технолошки лидер, па затоа ниту една страна засега не дава знаци дека ќе попушти – вели за Би-би-си Рита Вора, аналитичарка од „Ем енд џи инвестментс“.