Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, рече дека поради катастрофата во Авганистан, неговиот наследник Џозеф Бајден ги понижил САД повеќе од кој било друг претседател во историјата.

– Ова е ужасно време за нашата земја. Мислам дека нашата земја не беше толку понижена сите овие години. Не знам како да го наречам, воен пораз или психолошки пораз – рече поранешниот американски претседател.

Тој ја спореди ситуацијата со иранската заложничка криза во 1979 година и праша дали одлуките на сегашната американска администрација ќе предизвикаат полош развој на настаните, бидејќи Талибанците го опкружуваат Меѓународниот аеродром Кабул со неговите контролни пунктови и има извештаи за тепање на населението и други насилства.

Трамп, исто така, рече дека сцените снимени викендов, кога Авганистанците висеа од трупот на американскиот воен товарен авион, а подоцна загинаа кога авионот полетуваше, беа повеќе понижувачки отколку евакуацијата на американската амбасада во Сајгон во 1975 година.

Трамп, исто така, рече дека за време на преговорите минатата година, тој го предупредил талибанскиот лидер Мула Абдул Гани Барадар дека Соединетите Американски Држави ќе возвратат десет пати посилно доколку Американец е повреден или ако милитантните сили навлезат во забранетите области.


Драстичен пад на поддршката на Бајден

Поддршката за американскиот претседател Џо Бајден падна за седум процентни поени, и е на најниско ниво од кога Талибанците ја освоија авганистанската престолнина, покажуваат најнови анкети.

Според последните информации, Бајден го поддржуваат 46 проценти од Американците, што е најниско неделно ниво од неговото преземање на функцијата во јануари.

Популарноста на американскиот претседател значително опадна откако Талибанците влегоа во авганистанскиот главен град од каде владата побегна, по две децении американска воена операција која чинеше милијарди долари и однесе илјадници американски животи, пренесуваат американските медиуми.

Податоците покажале дека помалку од половината од Американците го поддржуваат воениот и дипломатскиот пристап на Бајден во Авганистан.

Американскиот претседател, кој минатиот месец ги пофали авганистанските сили како „најдобро опремени во светот“, во моментов има најмала поддршка споредено со тројцата американски претседатели кои владееја за време на таа најдолга војна во САД.

Белата куќа вчера соопшти дека Бајден разговарал со британскиот премиер Борис Џонсон со кого договорил состанок на Г7 следната недела за да разговараат за заедничката стратегија за Авганистан.