Годинашново обраќање на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата беше одбележано со тензична атмосфера, проследена со многу театралности и кај демократите и кај републиканците. Говорот пред Конгресот, во кој Трамп го поздрави „големото враќање на Америка“, ги покажа острите поделби во врвот на американската политика. Во еден момент, спикерката на Конгресот, демократката Ненси Пелоси, искина копија од претседателскиот говор, и тоа веднаш зад неговиот грб, пренесува Би-би-си.
Пелоси е една од најжестоките критичари на Трамп и токму таа лани формално ја почна процедурата за импичмент на актуелниот шеф на Белата куќа. Од друга страна, Трамп честопати ја опшива демократската конгресменка како „лудата Ненси“. Ова е првпат двајцата политичари да се сретнат лице в лице, откако таа ненадејно го напушти состанокот во Белата куќа пред четири месеци.
Па, така, пред да почне со својот говор на подиумот во Конгресот, Трамп по сѐ изгледа одби да се ракува со Пелоси, најмоќниот избран демократ во САД. Покрај тоа, таа го изостави традиционалниот поздрав, со кој му се укажува посебна чест на претседателот. Но Пелоси успеа буквално да ги шокира присутните откако искина копија од говорот на Трамп и тоа веднаш штом тој го заврши своето обраќање. Таа подоцна на новинарите им изјави дека гестот е „праведен потег, во споредба со алтернативите“. Пелоси, сепак, му аплаудираше неколкупати на претседателот, вклучувајќи го и моментот кога тој го промовираше својот проект за инфраструктурни инвестиции, можна област за меѓупартиска соработка.
Во согласност со традицијата, Трамп покани неколку специјални гости, вклучувајќи ги и венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гваидо, неколку воени ветерани и братот на маж што бил убиен од илегален мигрант. Во потег што сигурно ќе ги разгневи либералните критичари, Трамп најави дека ќе му го додели Претседателскиот медал за слобода, највисокиот цивилен орден во САД, на жестокиот конзервативен радиоводител Раш Лимбоу.
Покрај тоа, еден демонстрант беше отстранет од салата во моментот кога Трамп зборуваше во одбрана за поседувањето оружје. Станува збор за Фред Гутенберг, таткото на ученикот Џејми Гутенберг, кој беше убиен во масакрот во средното училиште во Паркленд во февруари 2018 година. Гутенберг беше почесен гостин на Пелоси. Интересно е што неколку либерални конгресмени од демократите, меѓу кои и Александрија Оказио-Кортез и Максин Вотерс, го бојкотираа говорот на Трамп. Други левичарски демократи ја напуштија салата на Конгресот во текот на обраќањето на претседателот.