Мислењето на Германците за САД се влошило од избивањето на пандемијата на коронавирусот, додека нивните ставови за Кина се подобриле, покажуваат резултатите од испитување на јавното мислење во Германија.
Во анкета спроведена во април од „Кантар паблик“ за фондацијата „Кербер“ на примерок од 1.057 полнолетни Германци, 73 отсто од испитаниците изјавиле дека нивното мислење за САД се влошило поради актуелната здравствена криза.
За споредба, само 36 отсто од испитаниците изјавиле дека нивните погледи за Кина се влошиле по избивањето на пандемијата. Една четвртина од испитаниците рекле дека нивното мислење за Кина се подобрило. Сепак, 71 отсто се согласиле со изјавата дека Кина можела да биде потранспарентна во справувањето со кризата за да го забави ширењето на вирусот.
Промената на ставовите значи дека само 37 отсто од Германците сè уште сакаат поблиски врски со САД, што е драматичен пад во однос на претходната анкета од септември 2019 година, кога 50 отсто сакале поблиски односи со САД. За споредба, 36 отсто се за поблиски врски со Кина, за разлика од 24 отсто во претходната анкета.
– Скептицизмот на Германците кон САД расте и тоа е загрижувачки тренд за кој треба да размислат политичките лидери на двете страни од Атлантикот – рече Нора Мулер, експертка за меѓународни односи од фондацијата „Кербер“.