Политичарот Прималал Џајасекара од Шри Ланка, осуден на смртна казна поради убиство во 2015 година, вчера положи заклетва и стана член на парламентот на земјата, насред заканите и негодувањата од опозициските законодавци, пренесува „Њујорк тајмс“.
Џајасекара кон крајот на јули беше осуден за отворање оган на изборен митинг во 2015 година, при што уби опозициски активист. Но, пресудата и смртната казна беа изречени само неколку дена откако Џајасекара повторно се кандидираше, а потоа неговата партија освои победа.
Вчера, додека Џајасекара присуствуваше на неговата церемонија на полагање заклетва во законодавниот дом, опозициските парламентарци носеа црни шалови за да ја одбележат смртта за која тој беше осуден, а дел од опозицијата го напушти домот во знак на протест.
– Во моето срце јас знам дека јас сум невин – изјави тој обраќајќи му се на Парламентот со глас што трепереше од емоции, тврдејќи дека е невин, дека бил наместен од опозицијата и побара нова истрага и судење.
Одлуката да му се дозволи на Џајасекара да ја извршува својата парламентарна должност како член на партијата Подујана Перамуна на Шри Ланка е најновата епизода провокации од неговата партија. Тој е дел од политичката династија Раџапакса, одговорна за голем број скандали, кршења на човековите права во земјата и корупција за време на нејзиното владеење од 2005 до 2015 година.
– Протестираме поради тоа што осуден убиец положи заклетва и продолжува да биде дел од Парламентот, што за нас е несфатливо и тоа го сметаме за неприфатливо – рече Еран Викрамарат, член на опозициска партија Самаги Јана Балавегаја.
Додека беа на власт, Готабаја Раџапакса служеше како министер за одбрана, а неговиот брат, Махинда, беше претседател. Нивната влада беше обвинета за воени злосторства, како и за убиства и прогон на новинари, активисти и политички противници. Но, за нивните приврзаници, тие се воени херои кои ставија крај на крвавата граѓанска војна во земјата која траеше 26 години.
Спикерот, исто така член на владејачката партија, пресуди во корист на дозвола за присуство на Џајасекара на заседанијата. Сега, тој ќе биде пренесуван од затвор секој пат кога ќе се состане законодавниот дом. За ваквата одлука изрази поддршка и Намал Рајапакса, министер за спорт и син на премиерот на Шри Ланка на Твитер.
– Со дозволата тој да положи заклетви и да присуствува на заседанијата на парламентот, спикерот не го прекрши Уставот. Одлуката е донесена во согласност со пресудата на апелациониот суд од пред неколку дена – објави Намал на Твитер.