Полициската единица задолжена за обезбедување на претседателската палата во Ла Паз се состана минатиот петок за да одлучува за иднината на државата, додека главниот град на Боливија беше парализиран од протестите по оспоруваните избори на кои Ево Моралес прогласи победа, освојуваќи четврти последователен претседателски мандат, пишува „Ројтерс“.
Членовите на полициската единица за тактички операции (УТОП) во повеќе наврати се судрија со демонстрантите кои беа вооружени со камења, стапови и импровизирани експлозивни направи. Во дворот на седиштето на единицата, таа вечер, донесоа одлука дека ќе престанат да го бранат Моралес и ќе им се придружат на демонстрантите кои бараат негова оставка.
Веќе следниот ден припадниците на УТОП ги напуштија своите позиции. Моралес поднесе оставка во неделата, а во вторник отпатува во Мексико откако му беше одобрен азил од тамошните власти.
Припадниците на УТОП со кои „Ројтерс“ стапи во контакт изразија повеќе причини за откажување на нивната поддршка кон Моралес. Некои се жалеа на големите плати што ги добила војската, но не и полицијата. На други им пречеа наредбите за растурање на антивладините протести, но и за избегнување на конфликт со лојалистите на Моралес. А дел од специјалците истакнаа дека едноставно биле истрошени по неколкунеделните судири со демонстрантите.
– Во одреден момент ми беше доста – кажа еден од припадниците на УТОП.
Ваквите случувања се клучни за разбирање на губењето на власта на Моралес, според познавачите на состојбите. Губењето на полициската поддршка го означи крајот за Моралес, смета политичкиот аналитичар и универзитетски професор Франклин Пареха.
– Власта го загуби нејзиниот штит. Како резултат, таа остана потполно ранлива и не можеше да продолжи понатаму – вели Пареха.
Моралес истакна дека симнувањето од власт се должи на државниот удар организиран од неговите политички противници, додавајќи дека ќе размисли за враќање во Боливија, со цел да донесе мир на поларизираната држава во криза. Неговите поддржувачи не ја признаваат привремената влада, со што и натаму траат насилството и уличните протести.