Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм апелираше да не се интензивира трката за вооружување меѓу нуклеарните сили. Институтот тврди дека ова може да ја прекине тенденцијата за намалување на нуклеарниот арсенал.
Според експертите, оваа тенденција ја зголемува веројатноста дека некоја земја ќе користи нуклеарно оружје во војна.
– Од крајот на Студената војна, светскиот нуклеарен арсенал се намалуваше. Но, се чини дека тој тренд е запрен – се заклучува во извештајот на СИПРИ.
Главните заклучоци се дека повеќе нуклеарни боеви глави се распоредени во операциите, и покрај општото намалување на бројот на боеви глави регистрирани до 2020 година.
– Ова е значаен нов тренд, на кој сите земји треба да гледаат како на предупредување: навистина мора да се пазиме од враќање на некаква трка во вооружување меѓу нуклеарните сили – изјави истражувачот на СИПРИ, Ханс Кристенсен, за шведската национална радио и телевизиска станица СВТ.
Помеѓу 2020 и 2021 година, бројот на боеви глави во воените нуклеарни залихи се зголемил за околу 300. Станува збор за нуклеарно оружје распоредено во оперативни единици и во воени складишта.
Околу 2.000 нуклеарни оружја во моментов се во состојба на готовност низ целиот свет, од кои повеќето се руски и американски, според СИПРИ.
Како што се наведува, зголемувањето е извршено главно со распоредување копнени интерконтинентални балистички ракети и подморнички балистички ракети.
Сепак, другите седум држави со нуклеарно оружје исто така развиваат или распоредуваат нови системи за оружје или најавија дека ќе го сторат тоа.