Силна експлозија ги потресе куќите во германскиот град Леверкузен. Снимките од социјалните мрежи покажуваат како се крева огромен столб чад.
Германската федерална служба за цивилна заштита и помош од катастрофи (ББК) ја предупреди јавноста да ги затвори прозорците и да остане во куќите поради страв од опасно истекување на гас.
Апликацијата за предупредување Нина ги повика луѓето во предградието Бириг да влезат во куќите и да ги затворат сите прозорци и врати.
– Експлозија во Бириг, ниво на предупредување: крајна опасност – гласело предупредувањето.
На луѓето им било посочено да ја слушаат и локалната радиостаница и да ја избегнуваат погодената област.
Според локалните извештаи, првите индикации се дека имало експлозија во постројка за согорување на отпад во Бириг. Операторите на хемискиот парк „Кемпарк“ во Леверкузен соопштија дека сè уште не е јасна причината за експлозијата.
Огромниот црн облак од чад можеле да се види и од Келн, кој е на околу 18 километри северно од Леверкузен. Пожарникарите во Келн соопштија дека во моментов нема опасност во градското подрачје.
До Келн стигнала и острата миризба, а чадот се движи кон Луценкирхен, Опладен и Рајндорф.
Локално радио во Леверкузен соопшти дека експлозијата се случила во 9.30 часот по локално време и дека тие не можат да испратат новинари до местото бидејќи не знаат дали има истекување на „опасни материи“.
Некои очевидци изјавиле дека големиот облак чад се издигнал над фабриката за хемиски производи на „Баер“ во Леверкузен, според западногерманскиот радиодифузер ВДР.