САД ја предупредија Русија поради нејзината политика во Сирија, со што американските власти тврдат дека руските сили ги прекршуваат условите од договорот за прекин на огнот, што претставува проблем за американските трупи во регионот, пишува „Форин полиси“.
Франција, Велика Британија и САД побараа свикување на средба на советот за безбедност на Обединетите нации поради ситуацијата во Идлиб, каде што сириските владини сили поддржани од Русија се вклучени во кампања за заземање на последното упориште на бунтовниците во Сирија.
Русија го искористи вакуумот создаден по американското повлекување од областа. Новонастанатото насилство ги зголеми тензиите помеѓу Русија и Турција која поддржува дел од бунтовничките групи. Офанзивата на сириската војска се случува и покрај неколкуте обиди за постигнување на примирје. Турција, пак, стравува од наплив на бегалци од Сирија.
Предупредувањето од САД доаѓа откако руските воени изведувачи се најдоа во ќор-сокак со американските трупи во северозападна Сирија, зголемувајќи ги тензиите и загриженоста оти овие тензични ситуации ќе ескалираат, според извештајот на „Волстрит џурнал“.
Претходно, Турција им порача на руските власти да избегнат конфликт со турската војска во Идлиб, при најавената турска одмазда за нападот на режимот на Башар ал Асад во кој загинаа четворица турски војници, а деветмина беа ранети.