Според анализата на Политехничкиот универзитет во Валенсија и на ЦКЕ, европските, но и светските политичари не успеале да ги искористат потенцијалот на социјалните медиуми и нивните милиони следбеници за да го заштитат своето население од пандемијата со вистински информации. Наместо тоа, нивните објави се сведуваат на дневно политикантство и меѓусебни препирки
Европските лидери на земјите најтешко погодени од пандемијата на коронавирусот не успеаја да ги искористат потенцијалот на социјалните медиуми и нивните милиони следбеници за да ги охрабрат граѓаните да ги почитуваат правилата за заштита. Иако употребата на социјалните медиуми за време на пандемијата во Европа е зголемена за речиси 33 проценти кај населението, сепак европските лидери преку своите профили едвај покажале интерес за ширење и промовирање мерки, како што се миење раце или социјално дистанцирање против коронавирусот. Ова, меѓу другото, се наведува во меѓународната студија изработена од Политехничкиот универзитет во Валенсија (УПВ) и Центарот за комуникативна европска политика (ЦКЕ), која била спроведена за време на драматичните први 40 дена од пандемијата.
Дневното политикантство примат во објавите на социјалните мрежи
Како што наведува „ЕУ обсервер“, повикувајќи се на податоците од анализата, поголемиот дел од објавите на европските лидери и политичари во почетоците на паднемијата се сведувале на дневнополитичките препирки и пораки што немале никаква поврзаност со опасностите од коронавирусот. Имено, медиумот пишува дека овие политички фигури не биле во можност да ги искористат социјалните мрежи и нивните милиони следбеници и да го промовираат своето лидерство меѓу населението. Еден од авторите на истражувањето, Себастијан Санчез, вели дека европската комуникативна политика за време на драматичните први 40 дена од пандемијата наместо да барала јасен, привлечен и координиран дискурс за коронавирусот, била во целосен хаос.
– Протокот на комуникација на Твитер на европските лидери со граѓаните што беа најодговорни во најпогодените земји се покажа како индивидуалистички и неефикасен пред здравствениот предизвик. Овие лидери ја потрошија можноста да водат со пример, што е суштинска компонента на вистинското лидерство, особено во пандемијата. Иако целата комуникација преку социјалните мрежи на европските политичари со Европејците е подобрена во периодов, сепак сѐ уште недостигаат очетноста и вистинската информација во нивните објави – оценува Санчез.
Слаб глобален интерес за ширење на правилната информација
Во меѓувреме, резултатите од истражувањето исто така покажуваат дека анализираните европски лидери едвај покажале интерес во информирањето на граѓаните преку социјалните мрежи на дневна основа. Понатаму, студијата посочува дека повеќе политичари објавувале конфузни видеа со нејасна и збунувачка содржина на своите профили за време на пандемијата, а должината на видеата што тие ги објавувале била предолга. Во исто време интересно е што бриселскиот медиум пишува дека некои европски лидери, како Емануел Макрон и Борис Џонсон, во првите денови од пандемијата во нивните јавни излагања не се појавувале со заштитна маска на лицето. Студијата исто така го анализира и случајот на Тедрос Аданом, претседател на Светската здравствена организација (СЗО), кој според авторите, одвреме-навреме покажувал некакво совесно однесување на Инстаграм, но како директор на глобалната здравствена организација потфрлил во информирањето на светската јавност за една од најголемите здравствени кризи во историјата.
Интересно е дека и американските политичари се слични во оваа проблематика. Како што пишува „Волстрит журнал“, поранешниот претседател на САД Доналд Трамп, но и другите влијателни политички фигури во Америка не ги искористуваат социјалните мрежи во правилното информирање на граѓаните.
На почетоците од пандемијата, Трамп велеше дека инфлуенцата не постои и дека таа е лажна, со што подоцна со тоа ги доведе во опасност животите на милиони Американци, оценува магазинот. Американскиот медиум заклучува дека важноста што ја даваат објавите на политичарите од своите профили на социјалните медиуми во ова сајбер-време е пресудна и неопходна за заштита на граѓаните од опасниот коронавирус.