Владата на Саудиска Арабија соопшти дека тројцата припадници на терористичка ќелија разбиена во понеделникот од саудиската државна безбедност биле обучени од Иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), пренесува „Сауди прес ејџенси“.
Во врска со ќелијата беа извршени десет апсења, при што беа запленети ножеви, пиштоли, калашњикови, муниција, воени униформи, уреди за прислушување, материјали за правење бомби- вклучувајќи пет килограми барут и 17 пакети со хемикалии и најмалку девет импровизирани експлозивни направи.
Саудиската разузнавачка агенција, позната како Претседателство за државна безбедност, соопшти дека извршила рација во две скривалишта што ги користела терористичката банда. Станува збор за куќа и фарма. Тројцата членови на ќелијата, наводно поврзани со ИРГЦ, добиле воена и теренска обука, вклучително и инструкции како да се направи експлозив.
Ниту еден од осомничените сè уште не е јавно идентификуван, бидејќи истрагата сè уште трае. Саудиските медиуми соопштија дека осомничените ќе бидат официјално обвинети откако ќе бидат сослушани од Претседателството за државна безбедност.
Слична антитерористичка акција беше изведена од сојузникот на Саудиска Арабија, Бахреин, на 21 септември. Терористичката група разбиена во Бахреин на почетокот на оваа година беше именувана по убиениот генерал на ИРГЦ, Касем Солејмани, и наводно имала поддршка од Иранците за да извршат напад како одмазда за смртта на Солејмани.
Иранското Министерство за надворешни работи во вторникот ги негираше наводите на Саудиска Арабија за вмешаност во терористичката ќелија.
– Повторливите и безвредни обвинувања на саудиските владетели не се начин Ријад да ги постигне своите цели и нашата препорака е Саудиска Арабија да го избере патот на чесноста и мудроста наместо безвредни сценарија – рече иранскиот портпарол.