Сателитските фотографии што ги објави агенцијата „Асошиејтед прес“ покажуваат дека на југот од Израел во близината на стариот нуклеарен истражувачки центар „Негевпо“, по повеќе децении стагнација на работите, земјата тајно започнала градежни активности крај нуклеарниот објект. Според агенцијата, можно е да станува збор за градење нов објект за нуклеарно оружје. АП, повикувајќи се на сателитските снимки, наведува дека во тек е ископување на површина со големина на фудбалски стадион и голема длабочина, само неколку метри од стариот истражувачки нуклеарен центар. Иако новинската агенција побарала од властите во Тел Авив да одговорат на прашањето за какви точно градежни активности станува збор посочени на сликата, израелската влада засега не одговорила на прашањата на „Асошиејтед прес“.
Во исто време Израел не признава, но и не негира дека поседува нуклеарно оружје и е една од четирите земји што не се придружиле на Договорот за неширење на нуклеарното оружје. Инаку, фотографиите се објавени во време кога премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, остро ја критикува иранската нуклеарна програма, која ја надгледуваат инспектори на ОН, за разлика од израелската. Од она што досега е познато на оваа тематика, според пишувањата на медиумите, е дека еврејската држава со помош на Франција тајно почна да гради нуклеарен објект кон крајот на педесеттите години во пустината крај Димона, 90 километри јужно од Ерусалим, а со години ја криеше воената цел на објектот, тврдејќи дури дека е фабрика за текстил. Многу години подоцна, благодарение сега на сателитските снимки што ги направила компанијата „Планет лабс инкорпорејшн“ по барање на АП, се гледа дека е ископана дупка долга 150 метри и широка 60, која, според експертите, е можно да е нов објект со нуклеарни капацитети.