САД високо го оценија хуманиот третман на Сириските демократски сили (СДФ) кон заробените џихадисти од групата Исламска држава (ИД) и ги повикаа земјите чии државјани се тие да ги репатрираат и отворат кривични постапки против нив.
Роберт Пaладино, заменик портпарол на Стејт департментот, денеска изјави дека САД високо ја оценуваат улогата на СДФ во Глобалната коалиција за борба против ИД.
– Со ослободувањето на териториите СДФ зароби стотици странски терористи од десетици земји. Нивните напори резултираа во ослабена и распуштена ИД, со што светот стана побезбеден – изјави Паладино.
САД ги повикаа земјите чии граѓани во Сирија се заробени како џихадисти, да ги репатрираат и отворат кривични постапки против нив во нивните земји на потекло. Воедно високо го оценуваат дисциплинираниот и хуман третман на СДФ кон тие поединци при нивното задржување.
САД сепак признаваат дека ИД се уште претставуваат безбедносна закана и покрај тоа што големи делови на територии на Сирија и Ирак се исчистени од џихадистите.