Вашингтон постигна договор да вклучи дополнителни санкции против рускиот гасовод за природен гас кон Германија во Законот за одбрана што треба да се донесе, објави „Блумберг“ повикувајќи се на извори запознаени со ова прашање.
Според извештајот, новите санкции против гасоводот „Северен поток 2“ на „Газпром“ би биле насочени кон осигурителни компании и компании за сертификација кои работат со руски пловни објекти за завршување на проектот. Тие ќе бидат вклучени како дел од Законот за овластување за национална одбрана во 2021 година, кој мора да биде донесен до крајот на годината.
САД сега ќе мора да ги известат своите сојузници пред да ги воведат новите санкции. Оваа одредба беше додадена откако претседателот Комитетеот за надоворешни работи во Претставничкиот дом, Елиот Енгел од Њујорк, изрази загриженост дека санкциите ќе им наштетат на Германија и на европските земји, истовремено ослободувајќи ја Русија од одговорност.
Минатиот месец, американскиот Стејт департмент соопшти дека ги проширил санкциите против проектот „Северен поток 2“ на фирми кои обезбедуваат услуги или средства за надградба или инсталирање опрема на бродови за поставување на гасоводот.
Новото законодавство за санкции прецизира дека претходно донесените санкции се однесуваат на сите активности за поставување цевки и за осигурување.
САД се обидуваа да го блокираат завршувањето на гасоводот, сакајќи да го исфрлат од колосек проектот што ќе носи руски природен гас до Германија преку Балтичко Море. Вашингтон повеќе пати ја повикуваше Европа да купува повеќе американски течен природен гас.
Новиот гасовод, дизајниран да го зголеми снабдувањето со гас за Германија и за другите европски држави за 55 милијарди кубни метри годишно, во моментов е при крај во Балтичкото море.
Русија мораше да испрати свои бродови за поставување на последните километри на трасата, откако швајцарско-холандската компанија „Олсиз“ ги повлече своите бродови поради закана од санкции на САД во декември 2019 година.