Трамп порача дека двете страни сакаат да се стремат кон „нула царини, нула нетарифни
бариери и нула субвенции“ во трговската размена на индустриски стоки, со исклучок
на автомобилскиот сектор

Шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и американскиот претседател Доналд Трамп постигнаа договор со кој ставија крај на трговскиот конфликт меѓу Вашингтон и Брисел, кој доведе до заемни казнени царини. Трамп порача дека двете страни сакаат да се стремат кон „нула царини, нула нетарифни бариери и нула субвенции“ во трговската размена на индустриски стоки, со исклучок на автомобилскиот сектор. Според него, ЕУ веднаш ќе го зголеми увозот на соја од САД. Шефот на Белата куќа исто така вети дека ќе го преиспита прашањето за американските царини за европскиот алуминиум и челик.

– Ќе работиме на намалување на бариерите и зголемување на трговијата на услуги, хемиски производи, фармацевтски производи, медицински производи. САД и ЕУ ќе работат заедно за реформа на Светската трговска организација (СТО). Ќе работиме тесно со партнери што ги делат нашите идеи за реформирање на СТО и на проблемот на нелојалните трговски практики, вклучувајќи кражба на интелектуална сопственост, присилен трансфер на технологии, индустриски субвенции, изместувања што ги предизвикуваат државните фирми и прекумерната продуктивност – порача американскиот претседател.

Од друга страна, Јункер истакна дека тој и Трамп се согласиле да не се воведуваат нови царини сѐ додека се во тек преговорите, за кои веднаш ќе се формира работна група.
– Ние сме партнери, сојузници, а не непријатели, и треба да работиме заедно – изјави Јункер пред средбата, алудирајќи на многубројните изјави на Трамп насочени против ЕУ.
Трамп претходно се закани со воведување царини за увозните автомобили, на што ЕУ возврати со закана дека ќе оцарини американски производи вредни 20 милијарди долари. Пред средбата, американскиот претседател преку Твитер се заложи за целосно укинување на давачките на сите производи во трговијата меѓу САД и ЕУ, како начин да се избегне трговска војна. Освен индустриските производи, САД бараат пристап до заштитениот европски пазар на земјоделски производи, каде што Унијата го ограничува пристапот со разни регулативи и здравствени стандарди.


Следниот самит Путин – Трамп на почетокот на 2019 година

Американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон најави дека следната средба меѓу претседателот Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин нема да се случи годинава, туку на почетокот на 2019 година. Причината за ова, според Болтон, е тоа што Трамп сака да почека да помине хистеријата околу руското мешање во претседателските избори од 2016 година пред повторно да се сретне со Путин.

– Претседателот смета дека следната билатерална средба со претседателот Путин треба да се случи откако ќе заврши овој руски лов на вештерки и се согласивме дека тоа ќе биде по почетокот на годината – изјави Болтон.

Политичките противници на Трамп бурно реагираа по самитот во Хелсинки, откако Трамп изрази сомнеж дека Русија навистина се мешала во изборите. По враќањето во Вашингтон, Трамп даде изјава во која го повлече кажаното во Хелсинки и изрази доверба во американските разузнавачки служби и нивните сознанија за руското мешање.