Поголема „поделба на финансискиот товар“ ќе биде една од главните теми на самитот на НАТО во јули во Брисел, на кој само осум од вкупно 29 членки на Алијансата ги исполнуваат обврските за зголемување на трошоците за одбрана на најмалку два отсто од бруто-домашниот производ (БДП), јави Ројтерс.
Американскиот претседател Доналд Трамп побара од членките да учествуваат со поголем удел во буџетот на НАТО. Според актуелните пресметки, само 15 од сојузниците ќе трошат најмалку два отсто од нивното БДП за одбрана до 2024 година, цел што беше договорена од сите членки во 2014 година. Шпанија објави дека нема да ја оствари целта до 2024 година, а Белгија, Холандија, Луксембург, Италија, Португалија, Норвешка и Данска исто така заостануваат. Унгарија очекува да ја исполни целта дури во 2026 година. Франција ќе ги зголеми трошоците за над една четвртина до 2025 година, но од Германија, најголемата економија во Европа, не се очекува да ја оствари целта до 2024 г. Податоците на НАТО покажуваат дека Британија, Грција, Романија и балтичките земји ја остваруваат или се блиску до остварување на целта од два отсто, додека Франција и Турција се очекува да ја достигнат наскоро.