Рускиот воен авион Иљушин 20 бил соборен со ракета од сириски комплекс С-200, соопшти Министерството за одбрана на Русија.
Според МО, израелски авиони намерно создале опасна ситуација во подрачјето на Латакија. Криејќи се зад рускиот авион, израелските воени авиони го ставиле на удар на сирискиот систем за ПВО С-200.
– Провокацијата на Израел ја сметаме за непријателски акт. Поради неодговорни акции на израелската армија загинаа 15 руски војници. Тоа воопшто не е во духот на руско-израелското партнерство, изјави Игор Конешанков, портпарол на руската армија.
– Имаме право да одговориме соодветно, додаде тој.
Во тек е операција за спасување во Средоземното Море.
Амбасадата на Израел во Русија засега не ја коментираше изјавата на Конешенков. Инцидентот се случи синоќа за време на напади на четири израелски авиони Ф-16 врз сириски цели во провинцијата Латакија.