Истражување спроведено во Израел, кој е светски шампион во вакцинирање на своето население и во справувањето со пандемијата, покажува дека само 0,04 отсто од Израелците што досега ги примиле двете дози на вакцината на „Бионтек“ и „Фајзер“ повторно се заразиле со коронавирусот. Овие ветувачки податоци навестуваат светлина на крајот на тунелот од пандемијата предизвикана од ковид- 19
Анализа за имунизацијата во Израел
Изминатата година Израел жестоко се натпреваруваше со многу поголеми држави за да обезбеди резерви на вакцини од светските произведувачи во екот на пандемијата. Деновиве земјата е предводник на една од најбрзите светски кампањи за вакцинација, со повеќе вакцини одошто може да употреби. Ова меѓу другото го наведува угледниот магазин „Дејли мејл“, кој во исто време, повикувајќи се на истражување направено во земјата, посочува дека само 0,04 отсто од луѓето што ги примиле досега двете дози на вакцината на „Бионтек“ и „Фајзер“ повторно се заразиле со коронавирусот. Овие ветувачки информации во борбата со справувањето со пандемијата го прават Израел светски шампион во ова поле. Имено, од 700.000 вакцинирани лица во земјата, единствено 300 подоцна се заразиле со коронавирус, од кои 16 морало да бидат хоспитализирани. Интересно е што студијата вели дека вакцината штити и од мутираниот вид на ковид-19, кој беше откриен во Велика Британија.
Професорот Ејал Лешем, израелски специјалист за инфективни болести, вели дека ова е многу добра вест за светот.
– Времето ќе биде најдобриот индикатор сѐ додека ние собираме податоци, но и покрај сето ова многу се охрабрувачки прелиминарните податоци – вели професорот Лешем.
Во исто време, истражувањето покажува дека повеќе од 30 проценти од израелското население ја примиле вакцината и веќе се спроведени неколку студии за да се утврди нејзината ефикасност.
– Од една страна, имаме голем пренос на болеста кај населението, каде што бележиме 1.000 нови случаи на инфекција дневно, што е највисока стапка од почетокот на епидемијата, но ако ја испитаме ситуацијата одблизу, стотици илјади вакцинирани Израелци нема да бидат заразени. Дури и во овие неколку случаи, заболените обично имале полесна форма на болеста, а само еден дел се разболел сериозно и бил хоспитализиран – додава израелски специјалист за инфективни болести.
Повикувајќи се на истата анализа, „Дејли мејл“ пишува дека во Израел дури е и намален бројот на инфекции кај луѓето што ја примиле само првата доза на вакцината.
Во меѓувреме, „Фајненшл тајмс“ анализира како Израел успеа да обезбеди повеќе вакцини одошто може да искористи. Имено, магазинот посочува дека одговорот на ова прашање лежи во 17-те разговори помеѓу првиот оперативец на „Фајзер“, Алберт Бурла, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и израелскиот министер за здравство Јули Еделстин.
Според „Фајненшл тајмс“, двајцата израелски политичари ветија дека ќе овозможат една од најбрзите кампањи за вакцинација и ќе ги споделат информациите од нејзините ефекти врз пандемијата, сѐ додека имаат доволни и непрекинати резерви. „Фајзер“ се согласи и испораката почна кон средината на декември минатата година.
Во магазинот се наведува дека со дополнителните предвидени испораки, Израел ќе има вишок вакцини од сите три главни произведувачи до март. Во рамките на зделката со „Фајзер“, авионите што ги испорачуваат вакцините речиси секоја недела слетуваат во Тел Авив, пречекани од телевизиски камери. Додека другите држави имаат тешкотии да се снабдат со вакцини и се соочуваат со одложување на испораките, во Израел веќе 2,6 милиони луѓе ја примија првата доза, а 1,1 милион и втората доза, во рамките на вакцинацијата.
– Вакцинираме со темпо 10 пати побрзо во однос на САД. Ниедна држава не успева да го стори тоа што го правиме ние – се пофали неодамна Нетанјаху, со што се предвидува дека вакцинацијата ќе ги подобри неговите изгледи за реизбор кон крајот на март.
Паралелно на ова, како што пренесуваат западните медиуми, испораките на веќе нарачаните вакцини на „Модерна“ ќе стигнат во Израел во март, а исто така е планирана испорака на милиони дози од вакцината на „Астра Зенека“.
Но Израел планира да го вакцинира поголемиот дел од возрасното население со вакцината на „Фајзер“, па не е јасно што ќе прави со вишокот вакцини. Израелските медиуми известија дека некои од земјите-членки на ЕУ, меѓу кои е Кипар, побарале од Нетанјаху пристап до израелските резерви, но засега израелските стручни лица ги негираа ваквите тврдења.
Пандемијата на ковид-19, климатските промени и можната нуклеарна војна придонесоа за песимистичките прогнози на експертите од Билтенот на атомските научници, кои го следат отчукувањето на таканаречениот „часовник на судниот ден“. Тие исто така ја истакнаа опасноста од „множењето на заканите“ од „лажните и погрешните информации што се шират на Интернет“.
Во соопштението не се споменува името на Доналд Трамп, но се посочува упадот на американскиот Конгрес на 6 јануари, кој всушност беше поттикнат од поранешниот претседател, што ја обнови „оправданата загриженост за националните лидери што имаат единствена контрола врз употребата на нуклеарни оружја“.
Оваа идеја се роди во 1945 година, кога научниците што работеа на проектот „Менхетн“ за развивање на првите нуклеарни оружја во светот, го креираа Билтенот на атомските научници (БАС) во Чикаго, за да го предупредат човештвото за опасностите од нуклеарната војна. По две години, БАС го воведоа часовникот за судниот час.