Серија на мејлови објавени од претставниците на Демократската партија во комитетот за надзор на американскиот Конгрес прикажува како поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговите сојузници се обиделе да извршат притисок врз Министерството за правда на САД, за да ги истражи неоснованите тврдења за измама на претседателските избори одржани минатата година, објавуваат американските медиуми.
Документите на 232 страници детално го прикажуваат притисокот кој Трамп и неговите соработници го спровеле за да ги принудат официјалните лица во Министерството за правда да ги оспорат изборните резултати, според кои Џо Бајден беше победник.
Во мејловите се нагласени и повеќе теории на заговор поврзани со наводната изборна измама, кои ги промовирал тогашниот шеф на кабинетот на Белата куќа, Марк Медоуз. На 30 декември минатата година, Медоуз преку мејл на тогашниот заменик-државен обвинител Џефри Розен му испратил превод од документ во кој се тврди дека постои заговор за фабрикување на податоците од американските избори во Италија, кои потоа се испраќале до „воени сателити“, а кои покажувале дека Трамп е победник. Медоуз му испратил на Розен и видео од Јутуб со дополнително објаснување на теоријата на заговор. Розен потоа го препратил мејлот на негов колега од министерството, кој му одговорил – „чисто лудило“.
Документите покажуваат и како Трамп ги користел официјалните канали на Белата куќа, заедно со адвокат кој го застапувал, за да врши притисок врз Министерството за правда, да поднесе тужба до Врховниот суд, чиј цел било спречување на пребројувањето на електорските гласови во шест сојузни држави во кои Трамп загубил.
Објавувањето на документите во јавноста уследи по барањето на комитетот до Министерството за правда за документите поврзани со обидите на администрацијата на Трамп за поништување на изборните резултати.