Рускиот претседател Владимир Путин го опиша падот на Советскиот Сојуз како крај на „историска Русија“ и за прв пат откри дека работел како таксист за време на економската криза што следеше по нејзиниот колапс. Ова тој го кажува во документарниот филм наречен Русија, понова историја, емитуван на 12 декември.
-Тоа беше распаѓање на историска Русија под името Советски Сојуз. Се претворивме во сосема друга земја. И она што беше изградено во текот на 1.000 години беше во голема мера изгубено – рече Путин за распадот во 1991 година.
Тој наведе дека 25 милиони етнички Руси се отсечени од Русија во новите независни земји.
Путин, поранешен агент на советската служба за безбедност КГБ, претходно распадот на Советскиот Сојуз го нарече „најголемата геополитичка катастрофа на 20 век“.
На почетокот на 1990-тите, Путин работеше во канцеларијата на градоначалникот на Санкт Петербург, Анатолиј Собчак.
Крајот на Советскиот Сојуз доведе до период на економска и социјална нестабилност што доведе многумина во сиромаштија. Тогаш тој повремено работел како таксист за да ги зголеми своите приходи. -Понекогаш морав да заработам дополнителни пари. Мислам, да заработите дополнителни пари со автомобил, како приватен возач. Непријатно е да се зборува за тоа да бидам искрен, но, за жал, тоа беше случај – вели Путин.