Рускиот претседател Владимир Путин на прес-конференцијата по самитот со неговиот американски колега Џозеф Бајден рече дека преговорите биле „добри“. Тој ги нарече разговорите „многу конструктивни“ и рече дека не смета дека има некакво „непријателство“.
– Немаше непријателство за време на преговорите, нашиот состанок се одржа на „принципиелен начин“. Разговорот беше конструктивен, потенцира тој – пренесува „Спутник“.
Според него, постигнат е договор за иницирање консултации за прашањето за стратешка стабилност на институционално ниво. Исто така, беше постигнат договор амбасадорите на Русија и САД да се вратат на своите работни места.
Двајцата претседатели ја допреле и темата за влез на Украина во НАТО. Кога станува збор за обврските на Русија во однос на Украина, Путин рече дека станува збор само за една работа, а тоа е реализација на договорите од Минск, со кои Бајден се согласува, а тоа е во случај Киев да биде подготвен на тоа.
Осврнувајќи се на воените вежби, Путин рече дека Русија спроведува маневри на нејзина територија, како и на САД, но тоа не го прави на начин да ја донесе својата воена опрема до американските граници.
Путин рече дека САД и Русија ќе започнат консултации за прашањето на сајбер безбедноста.
– Се согласивме да започнеме консултации на оваа тема. Според мене, тоа е клучно – рече Путин. Тој исто така изјави дека прашањето за сајбер безбедност е исто толку важно за Русија, колку што е важно и за САД.
На прашањето за приведениот опозициски лидер Алексеј Навални, Путин повика на непристрасно известување за инцидентот.
– Ова лице знаеше дека го прекрши законот што постои во Русија и тој е повторен престапник. Тој добро знаеше дека е баран, но сепак се врати во Русија и намерно сакаше да биде уапсен. Тој го направи она што сакаше – додаде тој.