Русија

Руските власти соопштија дека го привеле главниот сопственик на рудникот во Сибир, во кој во ноември при експлозија загинаа педесетина лица, вклучувајќи и петмина спасувачи. Експлозијата се случи во рудникот „Листвјажнаја“ во сибирскиот регион Кемерово на 25 ноември, а властите веднаш потоа реагираа експресно, притоа одземајќи им ги патните исправи на поголемиот број управители на рудникот. Рускиот истражен комитет во соопштение објавено во медиумите наведе дека се приведени: претседателот на „СДС-Угол“, Михаил Федјаев, генералниот директор на компанијата, Генадиј Алексеев, техничкиот директор Антон Јакутов и главниот инженер на рудникот за јаглен, Анатолиј Лобанов. Според извештаите на медиумите, тие се обвинети за прекршување на безбедносните правила и злоупотреба на овластувањата, што резултира со смрт на десетици луѓе.
Исто така во соопштението се додава и дека истражителите ќе побараат притвор за нив. Според државната агенција за мониторинг „Ростехнадзор“, рудникот во 2021 г. бил прегледан 127 пати, како резултат на што биле документирани 914 прекршоци, а работата била стопирана девет пати. Сепак и покрај овие наоди и прекршоци, сопственикот ја продолжил работата со рудникот при што минатиот месец дојде и до страшна експлозија и несреќа во која животот го загубија повеќе луѓе.

Подготвил: Дејан Србиновски