Унгарија врши реконструкција на нејзината политичка историја преку спомениците во државата, пренесуваат светските медиуми, посочувајќи го примерот со статуата на Имре Наѓ во Будимпешта, која беше отстранета пред крајот на минатата година.
Пред зори, на 28 декември минатата година, властите во Будимпешта го отстранија споменикот на поранешниот унгарски премиер Имре Наѓ (од времето на бунтот против советското владеење во 1956 година), што се наоѓаше во близина на парламентот (најавено е преместување на друга локација). Статуата беше поставена во 1996 година, со поддршка на партијата на сегашниот премиер Виктор Орбан, Фидез, а се сметаше за симбол на прифаќањето на демократијата по ерата на советското владеење.
Но, се чини дека тоа веќе не е случај, бидејќи во план е издигнување на ново обележје, на кое ќе биде прикажан мускулест маж кој се бори со змеј, што исто така треба да им оддава почит на жртвите на комунизмот. Новиот споменик е реплика на статуа од времето на пронацистичкото владеење на Миклош Хорти, кој го поддржуваше антисемитизмот, со што идејата за неговото поставување наиде на спротиставени мислења.
– Практиката на поставување споменици според идеологијата на одредена власт не е нова. Но ревизионизмот со „цигли и малтер“ на Унгарија е несекојдневна и проблематична појава поради отфрлањето на демократските вредности и одбраната на авторитативното владеење – пишува американскиот портал „Вор од д рокс“.
Поддржувачите на Орбан го оправдуваат остранувањето на статуата на Наѓ, посочувајќи дека се работи за обид за „враќање на сопствената историја“. Критичарите, пак, сметаат дека отстранувањето на споменикот претставува обнова на политиката од ерата на автократот Хорти, кој владеел во периодот од 1920 до 1944 година.
– Но, како и да се гледа на случајот, „исчезнувањето“ на Наѓ претставува обид на државата да влијае врз перцепцијата на јавноста во функција на сопствените интереси – се наведува во анализата.
Мислењата во унгарската јавност се поделени и за споменикот на „Жртвите на германската инвазија“ што беше поставен во Будимпешта во јули 2014 година. Група историчари тогаш испратија отворено писмо во кое се посочува дека „споменикот фалсификува важен период од историјата и го тривијализира холокаустот во Унгарија“. Улогата на музејот „Куќа на теророт“ што беше отворен во Будимпешта во 2002 година, исто така е спорна за многумина.