Заменикот на Карлос Гон, Грег Кели, се изјасни за невин за обвиненијата за лошо финансиско работење на почетокот на неговото судење во Токио и го бранеше поранешниот претседател на „Нисан“, истакнувајќи дека е „неверојатен директор“, и покрај неговото отстуство како обвинет, но и како сведок, пишува „Фајненшл тајмс“.
– Јас не бев вмешан во криминален заговор. Ова прашање требаше да биде разрешено во „Нисан“ – кажа поранешниот прв човек на правната служба во автомобилската компанија, Кели, негирајќи ги обвиненијата кои му помогнаа на Гон да ја сокрие висината на неговата заработка, преку итра измама за компензација.
Гон останува цел на меѓународна потерница и на барање за екстрадиција избега од Токио во Бејрут во декември минатата година, кога беше пуштен со кауција, тврдејќи дека „никогаш нема да добие фер судење во Јапонија“. Тој исто така ги негираше обвиненијата против него.
Кели, пак, е принуден да остане во Јапонија во изминатите две години. Американскиот адвокат заедно со Гон и со „Нисан“ се обвинети за прекршување на јапонските закони со необјавување на финансиски документи за 87 милиони долари во скриена компензација која поранешниот претседател требал да ја добие во период од осум години. Претставник на „Нисан“ кој се појави на истото судење истакна дека компанијата нема да ги оспори обвиненијата.
Во неговото воведно излагање кое траеше 15 минути, 64-годишниот Кели исто така го бранеше бизнис-наследството на Гон во „оживувањето“ на „Нисан“ од состојбата на работ на банкрот кон крајот на 90-те години на минатиот век.
Кели додаде дека тој и други луѓе од раководството на „Нисан“ спровеле студии да побараат „легален метод“ за компензација на Гон, нагласувајќи дека „доказите ќе покажат оти не го прекршил законот“.
Кога Гон кој беше познат како „кралот на автомобилската индустрија“ избега од Токио, тој го остави зад себе поранешниот колега Кели. Двајцата беа уапсени во ноември 2018 година. Кели тогаш беше загрижен оти бегството на Гон во Либан ќе го одложи судењето и ќе го остави во неизвесна ситуација со месеци. Извесно е дека Кели не му го замерил бегството на Гон, судејќи според неговото сведочење.