Владејачката унгарска партија Фидеш ѝ порача на групата на Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент дека нејзините пратеници се повлекуваат од таа група.
Во писмото на претседателот и премиерот на Фидеш, Виктор Орбан, објавено на Твитер од заменик-претседателот на Фидеш, Каталин Новак, се вели дека е разочарувачки што, додека Европа се справува со пандемија, ЕПП е зафатена со намалување на правата на своите претставници, објави „Ројтерс“.
„Ова е антидемократско, нефер и неприфатливо“, напиша Орбан.
Членовите на ЕПП гласаа за промена на правилата за да се овозможи исклучување на унгарската владејачка партија Фидеш од нивната група, изјави денеска портпаролот на ЕПП.
Многу партии членки на ЕПП се спротивставуваат на членството на десничарската партија на премиерот Виктор Орбан за која велат дека ѝ се заканува на демократијата во Унгарија. Фидеш ги негира обвинувањата.
Од речиси 180 члена на ЕПП во Европскиот парламент, 148 ги одобрија измените, 28 беа против, а четворица беа воздржани.