Во ера на политичка дисфункционалност, основачот на „Амазон“ почна да ги презема моќите на државата

Автор: Френклин Фор

Атлантик

Во понеделникот Џеф Безос најави дека ќе креира своја фондација за планетата Земја, во која ќе намени 10 милијарди долари во име на борбата со климатските промени. Фондот е триумф на филантропијата и совршен симбол за национален неуспех.

Поточно станува збор за збир од национални неуспеси. Во една здрава демократија, најбогатиот човек на светот не треба безболно да донира 10 милијарди долари. Неговото богатство треба да подлежи на даночниците, а законите против монополите треба да го ограничат неговиот бизнис. Наместо да се потпираат на тајкун кој ќе го спонзорира националниот одговор на една егзистенцијална криза, треба да постои само национален одговор.

Во ера на политичка дисфункција, Безос почна да ги презема моќите на државата. Ако владата претходно ги спонзорираше амбициозните истражувања во вселената, сега Безос го води тој проект и воедно троши милијарди долари годишно за да гради ракети и ровери. Неговата компанија „Амазон“ е предводник во експерименталните напори за подобрување на американскиот здравствен систем. Таа исто така ќе потроши 700 милиони долари за да преквалификува работници во сенка на автоматизацијата и раселувањето. Во меѓувреме, цели сектори на федералната влада склучија договори со „Амазон“ за компанијата да им ги чува податоците на своите сервери. На овој начин Безос нуди клучна инфраструктура на државата. Кога „Амазон“ ќе го отвори второто седиште на реката Потомак со поглед на главниот град, тоа ќе биде совршено географско отелотворување на новата рамнотежа на моќта.

За општествено одговорната работа на Џеф Безос може да се каже дека барем некој презема некакви чекори. Зарем приватната влада на чело со Безос не е подобра од владата на чело со Трамп?

Трампизмот може навистина да биде итна закана, така што концентрацијата на моќта да му припаѓа на еден човек не може да се смета за демократски пат. Додека Трамп се соочува со правните мерки на Конгресот, судовите или изборите, за моќта Безос не постои никаква јавна контрола. Неговите инвестиции и донации, а да не ги споменуваме доминацијата на неговата голема фирма и сопствеништвото на еден од најважните весници во државата, му даваат преголема улога во креирањето на човечката иднина.

Засега јавноста е запознаена со новата фондација генерално само преку објавата на нејзиното име на Инстаграм. Нема јасна смисла какви проекти ќе бидат спонзорирани, иако придонесот од такви размери неизбежно ќе биде привлечен за академиите и невладините организации. Личните предрасуди на Безос, односно неговата страст за технолошки решенија и скептицизмот кон владините регулативи, најверојатно ќе влијаат како неговата фондација ќе ги доделува грантовите, што во спротивно ќе влијае како активистите и истражувачите ќе ги изготват нивните барања и како ќе се обидат да му угодат на финансиерот кој може да ги одржува нивните операции.

Дури и Безос да ја финансира својата иницијатива, „Амазон“ има силен интерес да ја обликува дебатата за климатските промени, така што каков било одговор на владата нема да го загрози неговиот бизнис (во обидот да се добие предност, скептичниот одговор на фондацијата на Безос не ја исклучува надежта дека таа ќе направи вистинска разлика).

Појавата на Безос како самопрогласен заштитник на општото добро е кулминација на политичката ера. Во времиња на поларизација и дисфункционалност, јавноста се насочува кон спасители кои се претставуваат како аутсајдери и ветуваат трансформација. Секако, Трамп своевремено се претстави како еден вид на спасителна фигура. Наместо да ги излечи гласачите од ваквиот копнеж, тој само дополнително ја влоши состојбата. Актуелните искушенија се јавуваат во форма на милијардери кои зрачат со компетенција и токму затоа рекламите на Блумберг толку брзо го ставија на немилост на претседателот. Поради ова јавноста е подготвена да им даде уште поголеми одговорности на луѓето како Безос. Тоа што јавноста е индиферентна кон опасностите од подемот на плутократијата е можеби најголемиот национален неуспех.

Превод: Билјана Здравковска